Весникот „Билд“ отворено повика на назначување на Јирген Клоп за нов селектор на германската фудбалска репрезентација по нејзината елиминација од Светското првенство во САД, Канада и Мексико уште во првиот нокаут-меч. Германија изгуби од Парагвај по изведувањето пенали и трет мундијал по ред си оди дома многу рано, откако во 2018 и 2022 не успеа да ја помине ни групната фаза.
„Клоп мора да дојде сега“, објави „Билд“ денеска и не беше осамен во тоа.
Бившиот тренер на Ливерпул и Борусија Дортмунд, кој моментално е шеф на глобалните фудбалски операции во „Ред бул“, одби да го коментира ова.
„Гледам дека моето име се става во прв план, но сега не е вистинскиот момент да се зборува за тоа“, рече Клоп, кој е ангажаиран како стручен коментатор на „МагентаТВ“ за време на СП.
Јулијан Нагелсман има договор до 2028 и по поразот од Парагвај навести дека не планира да поднесе оставка, но повеќето медиуми и аналитичари се согласуваат дека неговото време истече. Фудбалската федерација на Германија досега не се огласи за статусот на Нагелсман.
„Достапен сум ако федерацијата го сака тоа, имам договор до 2028 година. Ако не, тогаш мора да ми кажат. Не сум тип на личност што бега“, изјави Нагелсман, кој заклучи дека Германија по последните резултати на СП веќе не спаѓа во првокласни тимови.
Имиња како Лотар Матеус, Јирген Клинсман и Матс Хумелс рекоа дека мора да има последици во сите области.
„Нагелсман гледа секоја грешка освен својата. Тој изгледа како некој кој затнува едно протекување по друго и го превидува фактот дека бродот се движи кон санта мраз“, напиша „Дер Шпигел“.



