Избледените и речиси невидливи пешачки премини низ земјава не се случајност. Тие се последица на начинот на кој Општините ги спроведуваат набавките за нивно обележување, според анализата на тендерите која ја направи Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Анализата покажува дека поголем дел од Општините воопшто немале набавки за т. н. хоризонтална сигнализација на улиците во последните три години, а во многу случаи каде ваквите набавки се реализираат не се поставуваат јасни критериуми за квалитетот и за трајноста на бојата со која се бележат пешачките премини.
„Истражувањето открива дека за повеќе од половина од локалните самоуправи, конкретно за 46 од 81, во електронскиот систем нема ниту еден тендер за хоризонтална сигнализација во периодот од 2023 до 2025 година. Тоа значи дека, според системот, во текот на три последователни години немале тендери за бележење на пешачки премини, велосипедски патеки и други ознаки на улиците. Во овие Општини без ниту еден тендер за бележење на улиците живеат 560 илјади жители. Оваа пракса не е ограничена само на мали рурални општини, меѓу нив се и густо населените скопски општини Аеродром, Чаир, Бутел и Сарај, каде што интензивниот сообраќај ја прави хоризонталната сигнализација директно поврзана со безбедноста на пешаците и на другите учесници во сообраќајот“, се вели во анализата на Центарот за граѓански комуникации.
Но, постоењето тендер, само по себе, не гарантира уредна сигнализација на терен. Во многу Општини кои редовно набавувале боја или ангажирале фирми за обележување, на самото место се воочуваат избледени или речиси невидливи линии на улиците. Анализата на тендерските документации открива дека само дел од општините дефинираат конкретни стандарди и карактеристики на бојата, додека во голем број општини техничката спецификација е сведена само на два збора, „боја за патишта“, без никакви мерливи критериуми за квалитетот.
„Помали Општини, како Берово, Ресен и Крива Паланка, имале тендер секоја година во анализираниот период, наспроти Општини со значително повеќе население и сообраќај, кои бележеле само еднаш или двапати во истите три години. Анализата на единечните цени открива ценовни разлики и до 4 пати. Бојата е купувана од 132 до 296 денари за 1 килограм, додека пак цените за услугите за бележење со бела боја и стаклен перлит се движат од 281 до 802 денари за метри квадратни“, покажува анализата.
Освен во однос на фреквенцијата на обележувањето, Општините немаат воедначен пристап и тогаш кога спроведуваат јавни набавки за хоризонтална сигнализација. Во некои Општини работата ја извршува локалното јавно претпријатие со сопствена механизација, а набавува само боја и друг потрошен материја. Во други Општини, пак, преку еден тендер се бара комплетна услуга од приватни фирми – и за бележење и за бојата, а во трети, пак, набавката на боја и услугата за бележење се предмет на одделни постапки. Ваквата нестандардизираност ја оневозможува споредливоста меѓу сите општини и го отежнува надзорот.
Големите разлики во цените, коишто не можат да се објаснат со техничките карактеристики и стандарди што биле барани за бојата, делумно можат да се објаснат со купените количини. Имено, ЈП „Улици и патишта“ Скопје купиле 30.000 килограми боја, и оттука секако дека овие големи количини имале влијание брз цената. Но, од 7-те институции вклучени во ова рангирање, само 3 имале наведено количини, и тоа се, покрај скопското јавно претпријатие, Јавното претпријатие за изградба и одржување на јавен простор за паркирање и уредување и организирање на јавен локален превоз на патници во општината Битола и ЈП „Плаваја“ Радовиш. Притоа, битолското јавно претпријатие набавило 15.000 килограми бела боја, а „Плаваја“ 600 килограми. Останатите претпријатија немаат наведено количини, што е всушност неправилно постапување бидејќи не овозможува фирмите да имаат јасен увид кога ги одредуваат своите цени.
Со оглед на тоа што секоја општина или јавно претпријатие што купувало боја набавувало и перлит и разредувач, за да се добие појасна слика, направена е и збирна цена за овие 3 производи. Произлегува дека има мали промени, но првото и последното место се непроменети. Трошоците на ЈП „Улици и патишта“ Скопје се најниски и изнесуваат 358 денари за 1 килограм бела боја, 1 килограм перлит и 1 литар разредувач, а највисоките трошоци ги има ЈП „Стипион“ Штип со 583 денари.
Од 18 Општини и јавни претпријатија кои спровеле тендер за набавка на услугата за бележење на пешачки премини и други ознаки на улиците, во дури 11 општини (Берово, Крива Паланка, Делчево, Гази Баба, Кисела Вода, Прилеп, Сопиште, Тетово, Дебар, Ресен и Ѓорче Петров) не е даден никаков опис на бојата која треба да се користи, односно најчесто се користи терминот „боја за патишта“. Тоа значи дека изведувачот може да употреби каква и да е боја и формално да го исполни договорот – без никаква одговорност за тоа колку ќе траат линиите на улицата.
Со цел да се обезбеди споредливост на податоците, општините што користеле услуги од приватни фирми за бележење на улици се поделени во две групи. Првата, во која се прикажани општините што во бележењето барале само да има боја, и вторите, каде што е барана боја и прелит
Кај бележењето со боја и стаклен перлит, цените се движат од 281 до 802 денари за метри квадратни. Ова е разлика од речиси 4 пати меѓу Општина Петровец и Општина Гостивар. Во цената на Општина Петровец е вклучено и чистењето на улиците пред бележењето, бидејќи оваа обврска на фирмите посебно ќе биде платена.
Кај бележењето само со боја, цените се движат од 152 до 378 денари за метар квадратен. На дното е Берово, а на врвот Општина Илинден. Иако разликата помеѓу најниската и највисоката цена изнесува 149 % односно највисока цена е два ипол пати повисока.Општина Илинден која има највисока цена од 378 денари за метар квадратен бележење на пешачки премини бара економските оператори задолжително да достават потврда за квалитет (атест) за бојата за патишта која што ја нудат, но не се повикува на конкретен стандард што го гарантира квалитетот на бојата.
А. АНТЕВСКА



