ВО БИТОЛА БЕСПЛАТНО ПАРКИРАЊЕ ЗА РОДИТЕЛИТЕ НА ЛИЦА СО ДИЈАГНОЗА ОД АУТИСТИЧНИОТ СПЕКТАР

    ВО БИТОЛА БЕСПЛАТНО ПАРКИРАЊЕ ЗА РОДИТЕЛИТЕ НА ЛИЦА СО ДИЈАГНОЗА ОД АУТИСТИЧНИОТ СПЕКТАРКартичката ќе важи една година и ќе му се издава на барателот по претходно поднесено барање. (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Битола едногласно одлучи паркирањето на јавните паркиралишта во градот да биде бесплатно за родителите или старателите на лица од аутистичниот спектар. Тие ќе можат да користат повластена паркинг-карта за зоните Б1, Б2, Б5, Б7, Д1, Х1, А8, А10 и А2.

    Картичката ќе важи една година и ќе му се издава на барателот по претходно поднесено барање. Таа нема да биде пренослива на други лица и возила.

    Повластената паркинг-карта се издава на физички лица со регистрирано живеалиште или престојувалиште во Општина Битола и важи само за едно патничко моторно возило.

    „Родителите или старателите на лица од аутистичниот спектар ќе можат да се обратат до Јавното претпријатие ‘Паркинзи’, каде што ќе треба да достават барање, фотокопија од лична карта, сообраќајна дозвола, наод и мислење за дијагнозата или МКФ-проценка, како и да потпишат изјава. Доколку ги исполнуваат условите, со нив претпријатието ќе склучи договор и ќе можат да користат бесплатно паркирање“, рече советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Марина Крстиќ.

    Таа најави дека наскоро ќе одржат средба со здруженијата на лица од аутистичниот спектар за да им ја објаснат постапката.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира