Фудбалска топка од моделот „тиенто“ со која се играло едно полувреме од финалето на првото Светско првенство во Уругвај во 1930 година, произведена во Аргентина, се чува во Завод и музеј Струмица. Таа е изложена во постојаната музејска поставка, благодарение на семејството Стефкови од Струмица, кое во 2019 преку правнукот Ванчо Стефков го донираше овој експонат. Истражувањата утврдиле дека топката е оригинал и произведена во Аргентина токму во 1930.
Првото Светско фудбалско првенство се одиграло во Монтевидео во Уругвај, а учествувале 13 селекции од кои четири од Европа. Победник била селекцијата на Уругвај која со 4:2 во финалето славеше против Аргентина.

Фудбалската топка во Струмица ја има донесено Ѓорѓи Стефков, кој во 1930 бил офицер во Сараево во тогашното кралство Југославија кое исто така учествувало на Светското првенство во Уругвај. (Фото: СДК.МК)
Фудбалската топка во Струмица ја има донесено Ѓорѓи Стефков, кој во 1930 бил офицер во Сараево во тогашното кралство Југославија кое исто така учествувало на Светското првенство во Уругвај. Засега, одговорните во Завод и музеј немаат цврсти докази дали Ѓорѓи бил на Светското во Уругвај па ја има донесено во тогашна Југославија или пак ја купил во Сараево додека бил офицер.
Топката е изработена од кожа со рачно шиени сегменти и препознатлив отвор со кожна врвка. Во нејзината внатрешност се наоѓа гумена комора која се полнела со воздух овозможувајќи ѝ да ја добие препознатливата форма.
„Се работи за топка од моделот ‘тиенто’ со коа се одиграло првото полувреме од тогашното финале помеѓу Аргентина и Уругвај во 1930 година. Второтo полувреме од финалето се играло со моделот „т“ произведен во Уругвај . Станува збор за топка произведена во Аргентина која е помала и полесна. Истражувавме и дојдовме до сознание дека ваков модел на фудбалска топка има во Националниот музеј на фудбалот во Англија и овде во Струмица“, вели директорот на Завод и музеј Струмица, Бранко Ѓорѓиев.
Приказната за оваа топка брзо го привлече вниманието на јавноста, па во последниве денови додека трае актуелното Светско првенство во САД, Канада и Мексико, струмичкиот музеј бележи зголемен број на посетители меѓу кои најбројни се децата.
В. ТРАЈКОВ



