СО ДОНАЦИЈА ОД 200.000 ЕВРА ОД ТУРЦИЈА, ПО 20 ГОДИНИ ПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА СААТ КУЛАТА ВО ТЕТОВО

    СО ДОНАЦИЈА ОД 200.000 ЕВРА ОД ТУРЦИЈА, ПО 20 ГОДИНИ ПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА СААТ КУЛАТА ВО ТЕТОВОФотографија на Саат кулата од минатиот век/фотографија направена со помош на вештачка интелигенција. (Фото: Гавро.мк)

    По 20 години чекање, со донација од 200.000 евра добиена од турскиот град Коња, конечно започнува изградбата на разрушениот објект познат како Саат кула во Тетово. Откриени се темелите на објектот, одреден е неговиот габарит, па сега се чека да се отстрани подземната инфраструктурна мрежа, која тука проаѓа и да почнат работите.

    За изработката на проектот била користена вештачка интелигенција бидејќи нема точни податоци како изгледала Саат кулата, туку само две-три фотографии од минатиот век, кои го прикажуваат објектот во полуразрушена форма.

    „Темелните партии на објектот првпат се откриени во декември 2005, а во март 2006 продолжија археолошките истражувања. Изработен беше проект за обнова на Саат кулата, но тогаш е оценет како плагијат на гостиварската саат кула и тука некаде завршуваат сите активности. Како директор, побарав дополнителни историски истражувања за изгледот на Саат кулата и го ангажирав вашиот сограѓанин Бранислав Светозаревиќ, кој е историчар од Државниот архив на Македонија и така дојдовме до нови податоци за изгледот на Саат кулата. Направивме една слика со вештачка интелигенција врз основа на најдените податоци“, вели Александар Јордановски, директор на Националниот конзерваторски центар.

    За градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, Саат кулата е важен објект од нашето културно наследство.

    „Веќе е обезбедена сериозна донација од турската општина Коња, која даде 200.000 евра. Со подготовка на основниот проект од Конзерваторскиот центар ќе се знае и целосната финансиска конструкција на овој проект и колку ќе треба да се кофинансира, секако, во соработка со Министерството за култура и туризам. Со оваа реконструкција враќаме еден важен објект од нашето културно наследство, со што Тетово ќе докаже дека знае да ги сочува историјата, традицијата и културата“, изјави Касами на презентацијата, на која беше и новиот министер за култура и туризам Седат Сулејмани.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира