ПОРОЈОТ ГИ ПОПЛАВИ УЛИЦИТЕ ЗАД ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМ ВО БИТОЛА СО ВОДА, КАЛ И КАМЕЊА

    ПОРОЈОТ ГИ ПОПЛАВИ УЛИЦИТЕ ЗАД ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМ ВО БИТОЛА СО ВОДА, КАЛ И КАМЕЊАВодата со себе носеше земја и камења, па ги затрупа подолните улици предизвикувајќи наноси, поплавувајќи објекти и оштетувајќи возила. (Фото: СДК.МК)

    Улиците зад Здравствениот дом во центарот на Битола беа блокирани по вчерашниот едночасовен дожд. Надојдената вода ја раскопа делницата од улицата Дебарска чија реконструкција започна при сличен пороен дожд на 23 јуни годинава. Водата со себе носеше земја и камења, па ги затрупа подолните улици предизвикувајќи наноси, поплавувајќи објекти и оштетувајќи возила.

    „Со години се прават улици, никако да се асфалтираат. Ова како да не е центар. Улиците се ископаа, возлата имаат штета. На детето камењета му ја исчукаа колата, партал му ја направија. Водата донесе камења од горе. Од секаде камењата тука завршја. Арно соседот свадба први утре, па им се јави на надлежните да дојдат да чистат, инаку сами чистиме, ете ја лопатата. И пропаднав на ископаната улица кога врнеше, се отвори длабока дупка. Ова е резил на векот“, рече Елмир Сулејмановски, жител на улицата Димитар Влахов.

    Со дождот пропаднаа делови од делницата на Дебарска кои изминатите денови беа реконструирани. Но, во лоша состојба е и погорниот дел од коловозот кој треба за скоро време да се копа. Дождот ги откорна претходните крепеници асфалт појавувајќи дупки, некои опасни и длабоки. На едната од нив вчера како предупредување беа ставени картонски кутии. Покрај дупките, пропаднати се и некои од шахтите.

    „Шахтата е полна со песок и камења, дрвја растат. Водата треба да оди, но таа е затната. Затоа се случуваат поплави. Дома жива вода ми се направи сѐ. Кој ќе ми го плати ламинатот? Нема веќе гласање за никого“, рече Душанка Сулејмановска.

    Додека разговаравме со жителите стигна градежна механизација испратена од локалната власт која почна со расчистување на наносите со камења.

    САКАМДАКАЖАМ.МК ден пред вчершаните поплави, кога исто така имаше навреме, алармраше дека водата покри дел од улиците со камења и земја, но наносте не беа исчистени.

    Овој реон е на неполни пет минути пеш до строгиот центар на Битола. Дел од улиците беа раскопани во април 2025, но уште не се асфалтирани. Меѓу нив се 11 Март, Панде Николов и Козара. Во неколку наврати, локалната власт беше критикувана од опозицијата посебно зашто се доцни со афалтирање на Козара, а градоначалникот Тон Коњановски им се извни на жителите за доцнењето и вети дека ќе се интензивираат активностите. Таму деновиве се поставуваат ивичници.

    Регионалниот центар за управување со кризи соопшти дека подрачјето на Општина Битола беше зафатено од пороен дожд во траење од околу еден час кој поплави куќи, дворови и помошни простории низ повеќе битолски улици. Известени се надлежните служби од локалната самоуправа во Битола. Јавното претпрјатие „Нискоградба“ во содејство со останатите јавни претпријатија од градот и Територијалната протвпожарна единица излегоа на терен и работат на расчистување на одводните шахти и испумпување на водата од куќите и дворовите.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира