СЕКОЈА КУЌА ВО СКОПСКИ ХРОМ СТАНА ЗГРАДА, НЕМА МЕСТО ЗА УПИС ВО ГРАДИНКА, ШКОЛОТО Е БЕЗ САЛА И ДВОР, ТРОТОАРИТЕ И УЛИЦИТЕ БЛОКИРАНИ СО КОЛИ

    СЕКОЈА КУЌА ВО СКОПСКИ ХРОМ СТАНА ЗГРАДА, НЕМА МЕСТО ЗА УПИС ВО ГРАДИНКА, ШКОЛОТО Е БЕЗ САЛА И ДВОР, ТРОТОАРИТЕ И УЛИЦИТЕ БЛОКИРАНИ СО КОЛИУништувањето на Хром почна во времето на ексградоначалникот Сокол Митревски од ВМРО-ДПМНЕ, а продолжи во времето на Александар Наумоски од СДСМ. (Фото: СДК.МК)

    На крајот на улицата Воин Драшкоци во скопската населба Хром до пред две години имаше четири куќи во кои живееја четири семејства и имаа четири коли. Сега на тоа место има четири згради, во кои живеат 100 семејства и 100 нови коли во населбата, а истата инфраструктура, истата канализација, истата градинка.

    Вака денес изгледа цел Хром, уште една уништена населба во Скопје, во која секоја куќа стана зграда, тротоарите се блокирани со коли, а улиците раскопани од градилишта за нови згради. Децата не можат да се запишат во градинка бидејќи нема место. Изградена е пред повеќе од 50 години и оттогаш не е направена ниту една нова занимална и училница. Училиштето постојано се доградува бидејќи секој ден никнуваат нови згради, во кои најчесто се вселуваат млади брачни парови со деца, па има недостиг на училници. Училиштето „Димитар Поп Георгиев-Беровски“ е можеби единственото во земјава кое нема двор. Залепено е меѓу згради и веднаш од улица се влегува во објектот. Децата уште немаат спортска сала, не е пуштена во употреба бидејќи протекува, па часови по физичко имаат на спортското игралиште во паркот во Хром.

    Уништувањето на Хром почна во времето на Сокол Митревски, кој беше градоначалник на Општина Ѓорче Петров три мандати, кога почнаа да се градат згради со приземје, два ката и поткровје.

    Со доаѓањето на функција на Александар Наумоски од СДСМ во 2017, кој ветуваше дека ќе го стопира градењето во Хром, се донесе нов Детален урбанистички план, со кој се нацртаа маркички за нови 100 згради. Со новиот ДУП се нацртаа и поголеми згради, се дозволи изградба на згради со приземје, три ката и поткровје, со што се цементираше уништувањето на населбата и им се дозволи на инвеститорите да го окупираат Хром.

    Актуелниот градоначалник Александар Стојкоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој тогаш го критикуваше Деталниот план, вели дека не може ништо да се направи бидејќи ДУП-от е стапен во сила и доколку градежници поднесат барање за градење, мора да се издаде градежна дозвола.

    „Се согласувам дека планот за населбата Хром не е добар, дека се изградија премногу згради, но ние сега немаме законска можност ништо да поправиме бидејќи штетата е направена во мандатот на мојот претходник Наумоски. Ние како општинско раководство работиме на подобрување на условите во наслебата. Поставуваме нова атмосферска канализација на улицата Воин Драшкоци, се врши доградба на училиштето“, вели Стојкоски.

    Во Хром остана уште еден дел кој не е чепнат од градежниците. Тоа е делот покрај Вардар, вклучувајќи го и просторот на некогашната фабрика „Купром“. За овој дел сè уште нема нов детален урбанистички план. Според постојниот, предвидено е домување во индивидуални куќи. Но, жителите стравуваат дека со новиот ДУП и во овој дел ќе никнат згради. Градежници веќе купуваа или склучуваат договори со сопственици на куќи, велејќи им дека се работи на нов план и со него ќе се предвидат згради на местото на нивните домови.

    Згради треба да никнат и во фабриката „Купром“. Фирма од Велес веќе купи дел од објектите, кои во стечајна постапка се продаваа на јавна лицитација.

    Градоначалникот Стојкоски вели дека планот за делот на Хром покрај Вардар уште не се работи, но тврди дека нема да се дозволи и тука секоја куќа да стане зграда.

    „Во тој дел од Хром има државно земјиште и таму може да изградиме градинка. На местото на постојната нема услови за доградба и надградба“, вели Стојкоски.

    Според Генералниот урбанистички план (ГУП) од 2012-2022, намената на просторот на фабриката „Купром“ е домување. Пред пет години, здружението на граѓани „Културно ехо“ покрена иницијатива за промена на ГУП и наместо домување, просторот на фабриката да стане студентски град. Иницијативата насловена „Од напуштена фабрика до студентски град“ беше поддржана и потпишана и од тогашниот градоначалник на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, а беше доставена до Советот на Град Скопје и тогашниот градоначалник Петре Шилегов.

    „Иницијативата е предлог за промена од постоечката предвидена намена А (домување), согласно ГУП на Град Скопје 2012-2022 за оваа локација, во основна намена В (јавни дејности и институции), со што се надеваме дека ќе се создадат институционални и општествено-политички услови за ревитализација, деконтаминирање и пренамена на овој простор во интерес на младите. Овој процес ќе придонесе за почитување на темелните вредности на Уставот и, конечно, по две децении, се надеваме дека ќе се создадат услови за хуманизација на просторот во рамки на парцелата каде се наоѓа индустрискиот комплекс ‘Купром‘. Со површина од 22 000 квадратни метри, а изграденост на парцелата од само 3.300 квадратни метри, преку ревитализација на овој простор, меѓу другото, Општина Ѓорче Петров и Град Скопје се здобиваат со можност за значително дополнително урбано зеленило, бидејќи остануваат 18.000 квадратни метри неизградена површина. Урбаното зеленило е клучен механизам за борба против климатските промени. Ова е иницијатива која се спротивставува на забрзаното и непланско градење“, се вели во иницијативата на „Културно ехо“, која беше доставена до Град Скопје во март 2021.

    Генералниот урбанистички план на Град Скопје во времето на ексградоначалничката Арсовска не се донесе, ниту, пак, се работеше на него. Со доаѓањето на Орце Ѓорѓиевски, процесот беше откочен и почна да се работи на ГУП-от, кој, според најавите од Градот, треба да биде донесен во 2028 година.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира