ЗА 500 ДО 1.500 ЕВРА СЕКОЈ МОЖЕ ДА ГИ ИЗНАЈМИ АНТИЧКИОТ ТЕАТАР ВО ОХРИД И ХЕРАКЛЕЈА ВО БИТОЛА, ЗА СТОБИ Е МНОГУ ПОСТРОГО

    ЗА 500 ДО 1.500 ЕВРА СЕКОЈ МОЖЕ ДА ГИ ИЗНАЈМИ АНТИЧКИОТ ТЕАТАР ВО ОХРИД И ХЕРАКЛЕЈА ВО БИТОЛА, ЗА СТОБИ Е МНОГУ ПОСТРОГОМеѓу најавените концерти во Античкиот театар се на српските фолк пејачи Пеѓа Јовановиќ и Никола Роквиќ (Фото: СДК.МК)

    Од 30.000 до 90.000 денари (500 до 1.500 евра) чини изнајмувањето на Античкиот театар во Охрид за користење за културни и други активности, а околу 60.000 денари (1.000 евра) е изнајмувањето на Хераклеја во Битола.

    Во наредниот период, на Античкиот театар ќе настапат македонски музичари како бендот „Дупер“, пијанистот Симон Трпчески и етно пејачката Елена Андоновска, но и фолк и поп пејачи од Србија и Хрватска, како Саша Ковачевиќ, Жељко Самарџиќ, Пеѓа Јовановиќ, Никола Роквиќ, Јелена Томашевиќ, Иван Босиљчиќ, „Црвена јабука“, Јаков Јозиновиќ, Петар Грашо, Јелена Розга, Нина Бадриќ и Сергеј Ќетковиќ.

    На Античкиот театар од 12 јули до 20 август се одржуваат и некои од настаните од фестивалот Охридско лето, поддржан од Министерството за култура и туризам.

    На Хераклеја во Битола концерт одржа „Дупер“, а најавени се настапите на Саша Ковачевиќ, Жељко Самарџиќ, „Црвена јабука“ и на македонскиот фолк пејач Борче Наумовски-Министерот.

    Директорот на Завод и Музеј Охрид, Горан Патчев, ни рече дека има критериуми кој може да го изнајми Античкиот театар.

    „Барањата ги разгледуваме на Управен одбор, кој има пет члена, а по потреба, консултираме и стручни лица. Гладаме да бидат популарни пејачи кои немаат навредливи песни и политички пораки или турбофолк пејачи. Сме одбиле барања за одредени пејачи за концерт. Исто така, се случувало Антички да биде закупен за еден пејач, па тој да го откаже настапот и менаџерот пробува да протне некој друг, што не го дозволуваме“, ни рече Патчев.

    Цената за изнајмување на античкиот театар во Хераклеја е фиксна и изнесува 60.000 денари. (Фото: „Битфест“)

    Според Маргарета Спасов, директорка на Завод и Музеј Битола, цената за изнајмување на античкиот театар во Хераклеја е фиксна и изнесува 60.000 денари, но можни се некои мали отстапки во цената во договор со менаџерите.

    „Се јавуваат менаџерите и не навлегуваме во детали кој настапува. Немаше некоја забрана досега дали тоа ќе биде рок или фолк ѕвезда, очекувам самите менаџери да го селектираат тоа. Критериумите не можеме ние да ги поставиме, тоа треба да биде на повисоко ниво“, ни изјави Спасов.

    Според одлуката од 2002, донесена од Управниот одбор на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј, изнајмување врши Завод и Музеј Охрид на Античкиот театар, Горни Сарај, музејските згради, изложбените и други помошни простори, дворните површини на музејските згради и на други површини околу спомениците на културата заради одржување културни настани, друг вид собири на политички партии, здруженија на граѓани, фондации, асоцијации и невладини организации, некомерцијални приредби од кој било жанр, спортски приредби и прогласувања, снимање филмови и ТВ-емисии и за хуманитарни приредби.

    Од Завод и Музеј Охрид велат дека одбиле некои барања за концерт во Античкиот театар. (Фото: СДК.МК)

    Завод и Музеј Охрид не може да склучи договор за користење на просторот без претходна писмена согласност од Министерството за култура.

    Според Одлуката, од 30.000 до 90.000 денари чини изнајмувањето на Самоиловата тврдина, а од 3.000 до 5.000 денари на музејските згради Робевци, Уранија, „Христо Узунов“, „Григор Прличев“ и „Словенска писменост“. Од 3.000 до 5 000 денари чини изнајмувањето и на Галеријата на икони на ​Лапидариумот кај Робевци, просторот пред куќата на Христо Узунов – „Сараиште” и други музејски згради.

    Постапката за користење на амфитеатарот во археолошкиот локалитет Стоби за театарски претстави, концерти, е по добиени дозволи од две институции.

    Амфитеатарот во Стоби  безмалку деценија не се користи за комерцијални цели или за настапи, бидејќи е во фаза на реконструкција, најавено е дека годинава ќе може да прими публика театарскиот фестивал на античка драма, но во ограничен број. (Фото: Стоби)

    „Заинтересираните треба прво да се обратат до Управата за заштита на културното наследство. Ако добијат позитивен одговор се пријавуваат до Националната установа (НУ) ‘Стоби’, од каде треба да се донесе конечната одлука“, ни рекоа од „Стоби“, но без да дадат информација за ценовниокот за изнајмување.

    Амфитеатарот во Стоби  безмалку деценија не се користи за комерцијални цели или за настапи, бидејќи е во фаза на реконструкција. Поради тоа, театарскиот фестивал на античка драма „Стоби“ десетина години се одржува во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес. Најавено е дека годинава ќе може да прими публика, но во ограничен број.

    Одржувањето концерти на вакви локалитети е вообичаено и во регионот, но програмата се селектира на едно многу поквалитетно ниво. Најпознат пример во околните земји е Античкиот театар во Пловдив, кој може да прими над 4.000 гледачи. Ова лето таму настапи легендарниот фронтмен на „Лед цепелин“, Роберт Плант, ќе се изведат некои од најпознатите опери и мјузикли, а концерти ќе имаат метал бендовите „Септикфлеш“ (Septicflesh) во придружба на оркестар и „Гедеринг“ (The Gathering).

    Во Арената во Пула се најавени концерти на Моби, „Крафтверк“, Стинг, Ник Кејв, Лорди, „Џудас прист“ и други.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира