Ноќеска во Тетовскиот клинички центар на 187 лица им била укажана лекарска помош откако им се појавиле симптоми на труење со храна. Сите затруени се работници од третата смена од конфекцијата ЛЕАР која се наоѓа во тетовската Технолошко индустриска зона. Симптомите ги почуствувале веднаш откако вечерале во работничката менза. Освен во Тетово, уште 27 лица од истата фабрика и со истите симптоми се пријавиле во Болницата во Гостивар со што вкупниот број на затруени лица изнесува 210.
„Изутринава во нашата институција здравствена заштита побараа 183 лица. Поголемиот дел од нив се пренесени со нашите возила од брзата помош и на сите им е дадена соответна здравствена заштита. Сепак, за нас е најважно дека во моментот во Клиничката болница има само еден хоспитализиран пациент, другите откако им е пружена неопходната помош споради полесните симптоми на труење се пуштени дома. И ова лице што е задржано сега е во добра општа состојба и тоа набрзо ќе замине дома. Сите лица пројавиле исти симптоми, стомачни тегоби и повраќање. Од што настанало труењето, тоа треба да го кажат другите институции“, изјави директорот на Клиничката болница во Тетово Флорин Бесими.
Конфекцијата ЛЕАР како странска инвестиција е отворена минатата година во Технолошката индустриска зона во Тетово. Нејзина дејност е конфекционирање на навлаки за автомобилски седишта. Во во ЛЕАР се вработени околу 1.000 работници.
Од конфекцијата ЛЕАР денеска не успеавме да добиеме никаква информација за инцидентот што се случил ноќеска. Дознаваме дека утрово вратени биле работниците од првата смена. Според кажувањето на работниците кои биле примени во Клиничката болница во Тетово, симптомите на труење се јавиле откако вечерта јаделе макарони со прелив со месо. Храната била носена од една приватна пекара.
З. АНДОНОВ