Основното јавно обвинителство Гевгелија побара притвор за едно лице поради основано сомнение за сторени кривични дела Телесна повреда и Загрозување на сигурноста.
При вршење семејно насилство ноќта меѓу 18 и 19 јули, обвинетиот телесно ја повредил неговата сопруга откако имале вербална расправија во домот околу тестаментот што го потпишала нејзината мајка. Тој прво ја навредувал оштетената, а потоа физички ја нападнал, удирајќи ја со боксови и клоци во главата и телото, нанесувајќи ѝ телесни повреди – повеќе крвни подливи.
Вечерта на 19 јули, откако оштетената го пријавила во полициска станица и заминала во куќата на ќерка ѝ, обвинетиот испратил СМС-порака со заканувачка содржина на телефонот на ќерката дека купил десет литри бензин и ако сопругата не се врати дома, тој ќе ја запали куќата, со што кај нив предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.
Имајќи ги предвид сите околности, а особено фактот дека обвинетиот ги сторил кривичните дела во услови кога веќе бил осуден на три месеци условно за загрозување на сигурноста, јавниот обвинител предложи да му биде определена мерка притвор додека трае новата постапка против него.



