Органодарителството е највисок степен на хуманост, на човекова вредност, на болниот му се спасува живот, му се дава иднина, рекоа докторите на осмата трибина за органодарителство во Велес.
„Секој од нас е потенцијален пациент. Не треба да мислиме себично, треба да се ставиме од другата страна. Мој апел е бидете хумани, потпишете се кај вашиот матичен лекар за дарител, да не ја оставате одговорноста кај вашите блиски во најтешките моменти да одлучуваат. Без црниот дроб не може ниту еден човек да функционира, тој е најголемата лабораторија во нашиот организам. Црниот дроб се регенерира. Имаме случај, мајката донираше на ќерката, сега и синот има потреба од орган, таткото не може да донира. И сега бараме, чекаме дарител“, рече проф. д-р Соња Бојаџиева, педијатар-гастроентерохепатолог, која апелираше дека сите имаме општествена одговорност да си помогнеме.
„Изминатиот викенд имавме трансплантација откако семејството на починатиот дарител се согласи и спасени се два животи. Сѐуште стапката на согласност е ниска. Најсилни се пораките упатени од пациентите и нивните семејства. Само за 2 до 5 отсто од лицата кои потпишале за дарители можат нивните органи да се искористат и тоа исклучиво по мозочна смрт, која е дефинирана законски“, кажа д-р Билјана Кузмановска, национална координаторка за трансплантација.
Зборуваше и Соња Савова, мајка на 23-годишниот Бојан Савов од Велес, кој живее на батерии и струја, бидејќи срцето му работи со намален обем, и очекува повик за спас за трансплатација.
„Тој е млад, а не може да си дозволи живот како другите. Не може да оди на бањање во вода, некои работи во животот му се скратени, но се прилагодува. Чекаме срце и додека се молам за моето дете да има подобрување, се молам за сите деца. Некому е потребно срце, на друг бубрег, на трет црн дроб. Затоа апелирам до нашите сограѓани, како велешанка, да донираме, да спасиме живот“, рече Савова.
Низ вакви директни средби со граѓаните, лекари-специјалисти ги споделуваат нивните искуства и потребата за донирање на органи, но потенцираат дека ѐуште не може да се каже оти органодарителството е прифатено.
Д-р Галена Северова, нефролог, зборуваше за настан од 2014, кога се работело за живот на две млади момчиња, браќа од Куманово.
„Имаа наследна болест на бубрезите. Мајката им го пренела тоа, но и таа подоцна заболува. Таткото беше исто така пациент со нефрлошко заболување па родителите не можеа да бидат дарители. Имавме починат дарител, кој како да беше роднина со децата, толку се поклопуваа податоците. На состанокот пред операцијата, еден од колегите постави едно високоморално прашање, што ако не успее зафатот, ако се случи нешто лошо. Не можевме да им помогнеме на друг начин, етичко прашање беше сега или никогаш потоа. За среќа сè се заврши најдобро, успешен беше зафатот. Потоа двајцата се оженија, оформија семејства. Ја помнам ситуацијата кога на мајката ѝ кажавме седете тука, а ние десетина часа опериравме, таа чекаше. Ова го помнам цел мој живот, имам огромна почит кон секој дарител, не постои нешто похумано од тоа да се спаси живот“, кажа д-р Северова.
Промените на законот, со кој секој пациент ќе треба да се изјасни дали се согласува да биде дарител, треба да стапат на сила на почетокот на октомври, а обврската ќе ја реализираат матичните доктори.
„Бев дарител на моето шестмесечно дете, не како херојски чин туку како родител. Сакав да дадам за тоа денес да го има цел свет пред него, кога ја гледам како расте ми дава енергија, сила, живот. Сите тие кои чекаат орган се со надеж за повик нивните деца да бидат спасени. Со дарувањето давате иднина. Но, не секој ја има таа среќа да добие орган“, рече Ице Гиовски, кој донирал дел од црн дроб за неговата ќерка.
На трибината зборуваа и претставници на МПЦ-ОА и ИВЗ кои ги кажаа ставовите на православната и исламската верска заедница дека го поддржуваат органодарителството. Но, потенцираа дека тоа не треба да стане бизнис за пари.
П. ПЕЧКОВ



