Споменикот Македониум во Крушево, кој со години протекува, почна превентивно да се заштитува со метална конструкција на галериите со витражи и стакла. Работите се изведуваат под стручен надзор на прилепскиот Завод и музеј и треба да завршат до крајот на месецов пред празникот 2 Август-Илинден, а металната конструкција ќе биде поставена на вкупно 8-те галерии со стакло и на галериите со витраж од надворешната страна на првото и на второто ниво од споменикот.
Поставувањето на решетките предизвика остри реакции за нарушување на идентитетот и автентичноста на споменикот од прва категорија, кој во ноември 2025 година е прогласен за културно добро во опасност, но директорката на Завод и музеј-Прилеп Мимоза Христоска уверува дека станува збор исклучително привремена мерка за заштита.
„Поставените заштитни конструкции на Македониумот се исклучително привремена мерка на заштита. Во никој случај не претставува трајно решение за овој споменик на културата. Ова е решение додека не се изготви Основниот проект за конзервација, реставрација и санација. Поставена е армирано-бетонска конструкција како привремени мерки, не е конечен изглед на Македониумот. Целта е да се заштити ова добро. Од горе ќе биде ставен лексан и нема да се гледа конструкцијата, нема да биде онака како што сега се гледаат решетки. Ова е дел од изготвениот основен проект за санација за добро во опасност, не можеме да постапиме самоиницијативно, проектот помина низ Национален конзерваторски центар и Управата за заштита на културното наследство. Македониумот е заштитено културно добро во опасност чија состојба со години се влошува како резултат на надворешни атмосферски влијанија, протекување и влага. Последните зафати се извршени 2016 и 2017 година“, вели за директорката на Завод и музеј-Прилеп Мимоза Христоска за САКАМДАКАЖАМ.МК, за заштитната мерка што чини 5,5, милиона денари (околу 90.000 евра).
Споменичкиот комплекс е дело на уметниците Јордан и Искра Грабулоски, а отворен е на 2 Август 1974, на денот на 30-годишнината на заседанието на АСНОМ и 71-годишнината од Илинденското востание. Македониумот е еден од најпознатите македонски објекти во светот. Во 2018, австралискиот магазин „Аркитекчр енд дизајн“ (Architecture & Design) го вброи меѓу десетте најуникатни градби во светот. Во 2016, американскиот магазин „Аркитекчурал дајџест“ (Architectural Digest) го стави на листата на седумте најинтересни бруталистички градби во светот.
- СО НАД 30 ИЛЈАДИ ЕВРА ЌЕ СЕ СПАСУВА „МАКЕДОНИУМОТ“ ВО КРУШЕВО ОД ПРОКАПУВАЊА, СЕ РАБОТИ И ПРОЕКТ ЗА ЦЕЛОСНА РЕКОНСТРУКЦИЈА, ВЕЛИ ВЛАДАТА
- ЗА ЗАШТИТА ОД ПРОКАПУВАЊЕ И ЗА ОБНОВА НА ВИТРАЖОТ ВО МАКЕДОНИУМОТ ВО КРУШЕВО СЕ БАРА ПОМОШ ОД СТРАНСТВО
Лани на 10 септември, портпаролката на Владата, Марија Митева изјави дека се обезбедени се 2,5 милиони денари (над 30 илјади евра) за интервентна заштита на споменикот Македониум во Крушево. Таа рече дека реконструкцијата е почната пред повеќе години и требаше да биде завршена во 2017.
„Свесни за културната и националната важност на Македониумот, Владата, преку Министерството за култура и туризам и во соработка со националната установа Завод и музеј Прилеп, веќе презема конкретни и одговорни чекори. За оваа година е обезбеден проект за интервентна заштита во вредност од 2,5 милиони денари, кој ќе биде реализиран до крајот на 2025 година. Паралелно на ова, Завод и музеј Прилеп работи на проект за целосна реконструкција и конзервација на целиот комплекс. Овој проект ќе биде финализиран до средината на 2026 година, по што Министерството за култура и туризам ќе ја утврди динамиката и планот за финансирање на целосната реконструкција“, рече лани Митева.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



