Пратеникот Фатмир Битиќи, поранешен вицепремиер за економија, на денешната расправа за предложениот ребаланс на Буџетот рече СДСМ ќе го гласа ребалансот, нема да реплицира, ама побара министерката за финансии, премиерот, власта, да ветат дека утре во 8 часот ќе им ги исплатат субвенциите на земјоделците. Побара и да не ги лажат дека СДСМ ги блокира субвенциите.
Тој по експозето на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска зеде збор во кој почна со тоа дека со ребалансот има 46,2 милијарди денари дефицит, односно расходи повеќе во Буџетот.
„Помината е целата годишна дефицитна рамка од 39 милијарди денари. Старото ветување од пораст од 3,5 отсто од БДП, остана само еден политички спомен. Слабее приходната основа на државата. Таа падна од 214,1 милијарда, на 213,2 милијарди денари. Растат неданочните приходи, задолжувањето и донациите. Капиталните расходи се реализираа само со 66 отсто. Државата најлесно реализира тековно трошење, а најтешко – развој. Инвестиции нема, здрава економска сила, продуктивна економија, нема. Има пад во индустриското производство за 0,3 отсто во првите 5 месеци. За разлика од мај 2025 година, индустриското производство е намалено за 2 отсто. Се крати програмата ‘економски развој’, ‘деловни активности’ итн. Во преработувачката индустрија падот е 2,6 отсто. За исто толку е намален бројот на работниците. Тоа се луѓе, плати, семејства. Потребно беше државата да ги зајакне модернизацијата, технологијата, извозот. Место тоа, Буџетот испраќа обратен сигнал и тоа најпластично се гледа кај малите и средните претпријатија. Во државата има 73.310 активни претпријатија. Поддршката за нив со ребалансот, е околу 15 милиони денари. Тоа се по 210 денари по активно претпријатие“, кажа Битиќи.
Битиќи рече дека цели 19.000 денари недостасуваат да се покрие синдикалната кошничка, мерено со просечната плата во Македонија која е 49.000 денари.
„Пензиската стабилност сè повеќе станува зависна од буџетски трансфери и политички импровизации. Не може пензискиот систем да се одржува само со политички ветувања, туку бара формална вработеност на луѓе во економијата и повисока додадена вредност. Зголемувањето на пензиите е човечки и потребно, но кога се користи како главен политички инструмент без истовремено да се јакне приходната основа на системот, тогаш таа грижа за пензионерите лесно се претвора во фискална илузија. На пензионерите им треба стабилна пензија и покачување и ‘утре’. Им треба незадоцнет трансфер на пари за здравствано осигурување“, рече Битиќи.
„Во вториот пензиски столб се наоѓаат над 3.000.000.000 евра приватна заштеда на осигурениците, акумулирана за нивната старост, тоа не е слободна резерва за пополнување буџетски празнини. Таа не смее да стане резервна каса за фискални импровизации!“, предупреди тој.
Подоцна и пратеничката од СДСМ Сања Лукаревска излезе и неколку пати кажа дека Владата не смее да чепка ни во парите на Македонска навигација (М-НАВ), откако САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека со изгласан заклучок, позајмила 7 милиони евра од ова јавно претпријатие. Вчера премиерот Христијан Мицкоски кажа дека Владата зема заем не само од М-НАВ туку и од Државна лотарија, МЕПСО, а потребите за Јавното претпријатие за државни патишта заради враќање на кредит кон кинеската банка за автопатите.
„Денеска секој жител на Македонија должи 6.000 евра. Овој товар стои и врз новороденчето, и врз детето во училишна клупа, и врз младиот човек кој допрва треба да ја гради својата иднина, и врз работникот што секој месец плаќа придонеси, врз невработениот, врз пензионерот што веќе го одработил својот животен век. Јавниот долг не избира возраст, пол, статус. Тој се распределува кај сите“, рече Битиќи, па редеше енормно високи бројки и рекорди за задолжување и особено за каматите, на што никој не му реплицираше.
Потоа кажа дека, иако ребалансот не е развоен туку една проширена дефицитарна рамка, СДСМ нема да бидат кочничари и ќе го гласаат, за како што рече, конечно од утре да ги плаќате обврските за субвенции, за земјоделците, социјалната грижа, договорните обврски кон стопанството .
„Нема веќе: ’овие од СДСМ нè кочат’, утре веќе во 8.00 часот да ги исплатите субвенциите, како што сте им кажале на земјоделците ‘ние сакаме да ги исплатиме, ама нè блокираат’. Не, денеска ќе го донесеме ребалансот, ќе гласаме сите ако треба. Но, реалноста не е таа. Утре нема пари. Ќе треба друго акционерско друштво да даде пари, но нема такво кое може да ви даде пари“, кажа Битиќи, а по неговиот говор настана молк во собраниската сала.
Претходно, министерката за финансии Димитриевска-Кочоска рече дека со дополнетиот Предлог-ребаланс на Буџетот за 2026 година се обезбедуваат дополнителни средства за забрзување на капиталните инвестиции, поддршка на земјоделството, Општините и за реализација на развојните приоритети на Владата, како и за непречено исполнување на законските обврски.
„Предложените измени се насочени кон продолжување на политиките за економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии“, рече Димитриеска-Кочоска при образложувањето на дополнетиот Предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година пред пратениците во Собранието.
Министерката рече дека дополнетиот Предлог е навремено и одговорно усогласување на буџетските проекции со новите економски околности како како и за обезбедување средства за исполнување на законските обврски кои во меѓувреме се случија и за реализација на развојните приоритети.
„Со овие измени обезбедуваме средства за исплата на зголемените плати во секторите каде што е предвиден раст, дополнителна поддршка за земјоделството, повеќе средства за социјална заштита и за општините. Она што особено го издвојува овој ребаланс е обезбедувањето дополнителни средства за забрзување на инвестицискиот циклус и реализацијата на инфраструктурните проекти“, рече таа.
За 2026 година е проектиран реален раст на бруто-домашниот производ (БДП) од 3,5 проценти, при што главен двигател на економската активност, според неа, ќе бидат инвестициите поддржани од реализацијата на големите инфраструктурни проекти и од капитални вложувања на централно и локално ниво.
„Се очекува раст на инвестициите од 7,2 проценти, раст на просечната нето-плата од 8,3 проценти, натамошно намалување на невработеноста на 11 проценти и зголемување на стапката на вработеност на 47 проценти. Проектираната просечна инфлација за 2026 година изнесува 4,5 проценти и во најголем дел е условена од надворешните ценовни притисоци и геополитичките случувања“, кажа министерката.
Расправата за ребалансот може да трае најмноги 3 дена, но според собраниски извори, сè повеќе пратеници од власта се откажуваат од пријавите за говор.
С. К. ДЕЛЕВСКА



