ГОДИНА И ПОЛ НÈ ТРУЕ ЧАДОТ ОД ПИЦЕРИЈАТА ВО НАШАТА СТАНБЕНА ЗГРАДА, БАРАМЕ ДА ИНТЕРВЕНИРА ПРЕМИЕРОТ ОТИ ОПШТИНА КАРПОШ НÈ ИГНОРИРА, ВЕЛАТ СТАНАРИТЕ НА СКОПСКА РУЗВЕЛТОВА

    ГОДИНА И ПОЛ НÈ ТРУЕ ЧАДОТ ОД ПИЦЕРИЈАТА ВО НАШАТА СТАНБЕНА ЗГРАДА, БАРАМЕ ДА ИНТЕРВЕНИРА ПРЕМИЕРОТ ОТИ ОПШТИНА КАРПОШ НÈ ИГНОРИРА, ВЕЛАТ СТАНАРИТЕ НА СКОПСКА РУЗВЕЛТОВАСтанарите велат дека иако проблемот го пријавуваат постојано во Општина Карпош од таму никој не реагира, па затоа писме испратиле до премиерот Христијан Мицкоски, во кое бараат итна интервенција на повеќе државни институции поради долгогодишните еколошки, градежни и санитарни проблеми од работењето на пицеријата. (Фото: СДК.МК)

    Година и пол живееме во чад и миризби од пицеријата која се наоѓа во нашата сграда, велат заедницата на станари од зградата на улицата Франклин Рузвелт бр. 15 во Карпош во Скопје. Во документацијата добиена преку алатката Пријави корупција на САКАМДАКАЖАМ.МК, граѓаните од ова маало велат дека поимот хумано живеење за нив е целосно избришан откако во нивната мала зграда со само 7 станови, под превезот на угостителство се одвива комплетно беззаконие од пицерија. Велат дека иако проблемот го пријавуваат постојано во Општина Карпош од таму никој не реагира, па затоа писме испратиле до премиерот Христијан Мицкоски, во кое бараат итна интервенција на повеќе државни институции поради долгогодишните еколошки, градежни и санитарни проблеми од работењето на пицеријата.

    „Секојдневно сме изложени на густ чад, саѓи, бучава, вибрации и сообраќаен хаос, поради што нарушено ни е правото на нормално и безбедно живеење. Оџакот на пицеријата поставен во непосредна близина на зградата секојдневно испушта густ црн чад и масни саѓи кои навлегуваат во становите дури и при затворени прозорци. Не можеме да ги отвориме прозорците ниту да користиме клима-уреди, а како доказ за сериозното загадување е сушењето на повеќегодишно дрво кое се наоѓа во близина на оџакот“, велат станарите.

    Тие во писмото до премиерот Мицкоски наведуваат дека во објектот биле изведени градежни зафати без соодветни одобренија, меѓу кои сечење на армирано-бетонска конструкција за поставување внатрешни скали и копање под нивото на темелите. Според нив, ваквите интервенции можат да ја загрозат стабилноста на зградата во која живеат семејства со мали деца.

    „Влезот во зградата е постојано блокиран од возила за достава на храна. Несоодветни се и санитарните услови во подрумскиот дел од објектот каде се одвива подготовка на храна. Овој простор не е предвиден како деловен, дека во минатото беше поплавуван со фекални води. Во изминатите година и половина поднесени се повеќе претставки до Општина Карпош и до други институции, но никаква реакција. Не сме против ничиј бизнис, но сметаме дека ничија економска дејност не смее да го загрозува здравјето, безбедноста и квалитетот на животот на соседите. Повеќе од една година и пол се чувствуваме како заложници во сопствените домови“, наведуваат станарите кои до нашата редакција доставија копии од преставките до Општина Карпош.

    Од Општина Карпош на нашите прашања испратени на 28 јули не добивме одговори до објавување на текстот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира