Во 103. година од животот почина д-р Никола Стојановски, потврдија од неговото семејство. Тој беше првиот претседавач на повеќепартиското Собрание на Македонија, кој заседаваше на неговото конституирање на 8 јануари 1991 година, како и последниот жив партизан учесник во НОБ. Како највозрасен пратеник, Никола Стојановски беше прв претседавач и ја водеше седницата сè до изборот на Стојан Андов.
За работата во тие моменти од формирањето на Парламентот, тој своевремено се присетуваше:
„Се сеќавам на тоа турбулентно време. Секоја партија сакаше да преовладува, нивните ставови да се слушнат. Првпат повеќепартиски парламент. Но, морав смирено да ја водам седницата, да ги сослушам, да се почитува редот. Сè до изборот на Стојан Андов за претседател, успевав да го задржам редот во салата“, раскажуваше за време на својот живот д-р Стојановски.
Случајно или не, првиот претседавач на првото заседание на АСНОМ во Прохор Пчински на 2 август 1944 година исто така беше велешанец. Како највозрасен таму, седницата ја водеше Панко Брашнар, сè до изборот на Методија Андонов-Ченто за претседател на Президиумот на АСНОМ.
Д-р Никола Стојановски беше последниот партизан учесник во НОБ. Тој беше и учесник во штрајкот на велешките гимназијалци од март 1942 година, против користењето на бугарскиот јазик во наставата.
- Д-Р НИКОЛА СТОЈАНОВСКИ, НАЈВОЗРАСНИОТ ЛЕКАР ВО МАКЕДОНИЈА, ГО ПРОСЛАВИ 100. РОДЕНДЕН
- СО АКТУЕЛНИТЕ НЕГАЦИИ СЕ УДИРА НА НАШАТА АНТИФАШИСТИЧКА БОРБА, РЕЧЕ НИКОЛА СТОЈАНОВСКИ ОД СОЈУЗОТ НА БОРЦИ
- И 80 ГОДИНИ ОД ШТРАЈКОТ НА ВЕЛЕШКИТЕ ГИМНАЗИЈАЛЦИ, НЕКОИ СОСЕДИ НЕ НИ ГО ПРИЗНАВААТ ЈАЗИКОТ, ВЕЛИ 99-ГОДИШНИОТ НИКОЛА СТОЈАНОВ
Роден на 8 февруари во велешкото село Скачинци, дипломирал на Медицинскиот факултет во Белград во 1952 година, а специјализирал педијатрија во Загреб во 1958 година. Целиот работен век го мина како доктор, а дел од него беше и директор на Велешката болница. За него како лекар и педијатар, велешани без исклучок имаат само убави и пофални зборови.
Местото и денот на погребот ќе бидат дополнително одредени.
П. ПЕЧКОВ



