Со промоција на монографијата „Ана Липша-Тофовиќ“, посветена на стогодишнината од раѓањето на легендарната оперска примадона, и со концерт на израелскиот контратенор Мајан Лихт и полскиот пијанист Пшемек Виницки, фестивалот Охридско лето го прослави 66. роденден во црквата „Света Софија“. Јубилејот беше прославен токму на датумот кога во 1961 година започнал фестивалот, со солистичкиот рецитал на оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ.
Автори на монографијата се Снежана Анастасова-Чадиковска и Александар Трајковски, кој кажа дека е семејно поврзан со Ана Липша-Тофовиќ.

Александар Трајковски и Снежана Анастасова-Чадиковска се автори на монографијата (Фото: Охридско лето)
„Мојата мајка е пријателка со нејзината ќерка и како дете секогаш се восхитував на овој портрет, кој е на корицата на монографијата, а кој беше во нивната дневна соба. Се восхитував и кога ја слушав оперската примадона како свиреше на клавир и пееше, и со колкава љубов зборуваше за својата работа“, рече музичкиот публицист Трајковски.

Се восхитував и кога ја слушав оперската примадона како свиреше на клавир и пееше, и со колкава љубов зборуваше за својата работа, рече музичкиот публицист Трајковски. (Фото: Охридско лето)
Директорот на фестивалот, Ѓорѓи Цуцковски, рече дека книгата претставува трајно сведоштво за животот и делото на уметницата, чиј придонес е нераскинливо поврзан со создавањето и развојот на Охридско лето.
Промоторот, музикологот Марко Коловски кажа дека монографијата е капитално дело за македонската музичка култура, а проф. д-р Ганка Цветанова рече дека визијата и уметничката извонредност на Ана Липша-Тофовиќ ги поставиле темелите врз кои фестивалот прераснал во препознатлив симбол на македонската култура.
„Ана Липша беше скромна личност со оглед на нејзината големина. Таа беше многу храбра и направи многу за македонската уметност. Авторите на монографијата на ненаметлив начин успеале нејзиниот лик да ја добие вистинската физиономија“, рече Коловски.
Снежана Анастасова Чадиковска не беше присутна на промоцијата, а нејзиниот говор го прочита ќерка ѝ Ива. Првиот концерт на Ана Липша-Тофовиќ во „Света Софија“, кој го гледала, таа го опиша како незаборавно животно искуство.
Професорот Александар Трајковски рече дека со ова издание е исполнет аманетот на диригентот Фимчо Муратовски никогаш да не се заборави делото на големата оперска дива.
Прославата на роденденот на „Охридско лето“ продолжи со концертот „Вокален и пијанистички огномет“, на кој настапија израелскиот контратенор Мајан Лихт, еден од најперспективните уметници од својот гласовен фах, и полскиот пијанист Пшемек Виницки.
„Два дена сме тука, како да сме цел живот. Луѓето се супер пријателски расположени“, рече Лихт, кој на духовит начин ги опушташе приказните од делата што ги пееше.

На роденденскиот концерт настапија израелскиот контратенор Мајан Лихт и полскиот пијанист Пшемек Виницки.(Фото: СДК.МК)
Пред бројната публика во „Света Софија“, двајцата уметници изведоа богата програма составена од дела на Георг Фридрих Хендел, Рикардо Броски, Михаил Глинка и Милиј Балакирев, Станислав Моњушко и Хенрик Мелцер, Карол Шимановски, Феликс Менделсон и Лудвиг ван Бетовен. Во вториот дел од концертот следуваа композиции од Џакомели, Хенри Персел и прочуената „Хабанера“ од операта „Кармен“ на Жорж Бизе, со што беше заокружена роденденската програма на фестивалот.
Мајан Лихт е добитник на наградата „Најдобар дебитант“ на Оперските награди во Брисел за 2025 година, додека Пшемек Виницки настапувал во престижни концертни сали низ Европа и соработувал со бројни симфониски оркестри.
М. ЏАРОВСКА



