СО 149 МИЛИОНИ ЕВРА ГРАНТ ОД ЕУ ЌЕ СЕ ГРАДИ ТРЕТАТА ФАЗА ОД ПРУГАТА КОН БУГАРИЈА

    СО 149 МИЛИОНИ ЕВРА ГРАНТ ОД ЕУ ЌЕ СЕ ГРАДИ ТРЕТАТА ФАЗА ОД ПРУГАТА КОН БУГАРИЈАСо третата фаза ќе се гради прекуграничен железнички тунел во должина од 22 километри, кој почнува од Крива Паланка и влегува на територијата на Бугарија. (Фото: К. Попов)

    Со грант од Европската Унија од 149 милиони евра ќе се гради третата фаза од пругата кон Бугарија. Со третата фаза ќе се гради прекуграничен железнички тунел дел од Коридор 8, кој почнува од Крива Паланка и влегува на територијата на Бугарија.

    За реализација на овој проект покрај грантот од ЕУ обезбедени се и 175 милиони евра кредити од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Договорите за финансисрање на изградбата на пругата во должина од 22 километри беа потпишани денеска во Владата.

    Директорот на Македонски железници Синиша Ивановски кажа дека ова е најсложениот техничко-технолошки и инфраструктурен проект во државата, не само во моментов, туку и во изминативе децении.

    „Пругата ќе биде едноколосечна железничка линија којашто ќе биде за мешан сообраќај: и за патнички, но и за товарен транспорт. Интересно е што на само 22 километри ќе има вкупно 21 тунел со должина од 7,8 километри. Дополнително, уште 52 мостови и вијадукти коишто имаат должина вкупна околу 5 километри. Тоа значи дека во вкупни 22 километри, скоро 13 километри или преку 60 проценти од оваа траса ќе бидат во мостови и во тунели. Станува збор за тешка теренска пристапност и има потреба од дополнителни геодетски, хидролошки, геолошки и геотехнички истражувања“, рече Ивановски.

    Оваа делница ќе биде целосно електрифицирана.

    Министерот за транспорт и врски Александар Николоски кажа дека станува збор за еден од најзначајните инфраструктурни проекти за државата и за реализација на стратешката визија Македонија да стане клучна транспортна раскрсница на Балканот.

    „Ова е исклучително значаен ден, затоа што по речиси две години работа доаѓаме до проект кој што е остварлив, кој што е реален и кој што може да биде реализиран. Не беше лесно во овие две години, беше доста предизвикувачки. Она што е особено значајно, е што успеавме да постигнеме договор со Бугарија, за изградбата на прекуграничниот железнички тунел, кој што треба да ги спои двете држави“, кажа Николоски.

    Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека најважно е она што овој тунел нема да заврши на половина, бидејќи Владата успеала да постигне договорот со Бугарија да го продолжи тунелот на нивната територијата.

    Во наредниот период треба да се распише тендер за избор на изведувач и како што кажа министерот Николовски се очекува до крајот на годинава да почнат градежните работи.

    Железничкиот Коридор 8 е еден од најважните трансевропски транспортни коридори со стратешко, економско и геополитичко значење за Балканот и Европа.

    Првата фаза од Куманово до Бељаковце  е изградена со заем од Европската банка за обнова и развој и веќе е пуштена во сообраќај во јануари 2025 година. Изградбата на втората даза односно делницата од Бељаковце до Крива Паланка, е во тек и се финансира со заем од Европската банка за обнова и развој и инвестициски грант обезбеден преку Инвестициската рамка за Западен Балкан на Европската Унија.

    А. АНТЕВСКА

    „Овој текст е изработен со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината на овој текст е единствена одговорност на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира