ПОНИЖУВАЧКА E ОТКУПНАТА ЦЕНА ОД 25 ДЕНАРИ ЗА ПИПЕРКАТА-АЈВАРКА, ВЕЛАТ СТРУМИЧКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ И НАЈАВИЈА БЛОКАДИ НА ПАТИШТА

    ПОНИЖУВАЧКА E ОТКУПНАТА ЦЕНА ОД 25 ДЕНАРИ ЗА ПИПЕРКАТА-АЈВАРКА, ВЕЛАТ СТРУМИЧКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ И НАЈАВИЈА БЛОКАДИ НА ПАТИШТАСо предложените цени, како што кажаа градинарите, нема да ги покријат ниту производствените трошоци, а камоли да заработат, а имаат тешка година поради климатските промени. (Фото: СДК.МК)

    Земјоделците од Струмичко се заканија дека ќе го блокираат патниот правец Струмица – граничен премин Ново Село, ако не се корегираат откупните цени на црвените пиперки. Според нив, цените предложени од откупувачите и фабрикантите се ниски и понижувачки. Посебно реагираат на откупната цена од 25 денари за пиперки кои треба да одат за конзервните фабрики.

    Со предложените цени, како што кажаа, нема да ги покријат ниту производствените трошоци, а камоли да заработат, а имаат тешка година поради климатските промени.

    „Срамота е за 25 денари да се даде килограм пиперки. Дали знаат надлежните како се произведува, како се мачевме кога пролетта имавме поплави и ги спасувавме посевите, како дополнително инвестиравме во пластениците кога пред две недели имаше силен ветар и ни ги уништи пластениците? Понудените цени ни најмалку нема да ги покријат нашите трошоци“, реагираа градинарите кои се собраа во селото Муртино.

    Како што кажаа производителите, откупните цените на годинашниов старт на откупот се пониски за 20 отсто за истиот период од минатата година. Тврдат дека со вакви аграрни политики и отсуство на државна координација и интервенција ќе се уништи земјоделскиот сектор во земјава.

    „Го повикуваме министерот за земјоделство Борче Серафимовски да нè посети. Да ги повика на заедничка маса и откупувачите и фабрикантите и да најдеме заеднички прифатливи откупни цени. Вака не бива, оти годинава немаше добри откупни цени ниту на пролетната зелка, ниту на доматите, ниту на краставиците. Живееме на шкрги и на вересија. Ако министерот не нè посети најуваваме блокади на патниот правец кон Бугарија“, кажаа од здружението „Млади на Муртино“ кое го иницира протестот.

    Во Струмичкиот Регион деновиве само што почна бербата на пиперките-ајварки. Како што кажаа земјоделците, тие со подобар квалитет се откупуваат по цена од 35 до 45 денари за килограм и се наменети за извоз додека останатите се откупуваат за конзервно преработувачките капацитети по цена од 25 денари. Допрва се очекува да се интензивира бербата и откупот на црвените пиперки во Струмичко.

    В. ТРАЈКОВ 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира