На 25 август ќе почне снимањето на „Трета смена“, долгометражното деби на Ана Опачиќ, соопшти Агенцијата за филм, која овој филм на „Пик продукција“ го поддржа со 230.000 евра конкурсот за 2022 во прв рок на одлучување.
Летово во земејава се снимаат долгометражните играни филмови „Мравки“ на Марјан Гавриловски, „Голиот рид“ на Игор Алексов и „Ајал“ на Арбен Тачи.
„Мравки“ на „Тајм лапс“ продукција доби 15 милиони денари (околу 243,000 евра) на Конкурсот за 2021 година во прв рок на одлучување на Агенцијата за филм.
„Голиот рид“ во продукција на „Сити стар продакшн“ доби 15 милиони денари (околу 245 илјади евра) на Конкурсот во втор рок на одлучување за 2021 година на Агенцијата за филм.
„Ајал“ во продукција на тетовската „Арбфилм“ доби 24 милиони денари (над 390.200 евра) на Конкурсот на Агенцијата за филм за 2022 во втор рок на одлучување.
Црната комедија „Мравки“, третиот филм на Гавриловски, е по сценарио на Никола Кузелов, директор на фотографија е Фејми Даут, а играат Сенко Велинов, Никола Кузелов, Сашко Коцев, Атанас Атанасовски, Владо Јовановски, Тања Кочовска, Владимир Тулиев, Мими Таневска, Драган Спасов-Дац и други. Филмот се снима на повеќе локации во Скопје и Дебар,а продуцент е Ромир Јакупи,
„Голиот рид“ на Алексов е по сценарио на Гоце Цветановски и Алек Русјаков, е трилер-драма со елементи на хорор и фантазија, а играат Анастасија Ласовска, Тони Наумовски, Симеон Мони Дамевски, Зоран Љутков, Стефан Вујисиќ, Филип Трајковиќ, Даниела Иваноска и Адем Карага. Филмот се снима во Скопје и околината, во продукција на „Сити стар продакшн“, копродуценти се „ОнБрос“ од Косово и „Ред продакшн“ од Србија.
„Ајал“ на Тачи и по негово сценарио, е „современа драмска приказна за минливоста на животот, семејството, корените, традицијата и моралните избори“, се снима во Тетово и Шар Планина, а играат Арсим Фазлија, Адем Карага, Илир Винца, Осман Амети и други актери од земјава и регионот.



