ЗАВРШИ ИЗГРАДБАТА НА МОНТАЖНАТА КАТНА ГАРАЖА КАЈ ЗГРАДАТА „ПРОМАЈА“ ВО ШТИП, ИМА КАПАЦИТЕТ ЗА 50 КОЛИ

    ЗАВРШИ ИЗГРАДБАТА НА МОНТАЖНАТА КАТНА ГАРАЖА КАЈ ЗГРАДАТА „ПРОМАЈА“ ВО ШТИП, ИМА КАПАЦИТЕТ ЗА 50 КОЛИОва е трета катна гаража во централното градско подрачје и е на три нивоа. (Фото: СДК.МК)

    Готова е изградбата на монтажната  катна гаража кај зградата „Промаја“ во Штип. Ова е трета катна гаража во централното градско подрачје и е на три нивоа, за разлика од првите две, кои имаат две нивоа.

    Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, вели дека како и претходните две катни гаражи, така и со третата е искористен напуштен простор  кој беше една мала депонија. Самата конфигурација на теренот овозможи на овој напуштен простор да има катна гаража на три нивоа со вкупен капацитет за 50 возила.

    „Инвестицијата изнесува над 20 милиони денари (330.000 евра). Општина Штип планира до крајот на оваа година да започне изградба на уште една катна гаража со 90 места. Ќе се гради кај стариот Здравствен дом или зад административната зграда на Општина Штип. Со тоа, централното градско подрачје ќе располага со над 300 паркинг места само во катните гаражи“, вели Јорданов.

    Тој додава дека проблемот со недостатокот на паркинг места во потесното градско подрачје се ублажува и со платформите кај реката Отиња. Веќе се изградени три платформи со капацитет за паркирање на 130 возила.

    По главните штипски улици, кои претежно се еднонасочни, формирани се над 1.000 паркинг места, па сега со катните гаражи и со платформите, Штип ќе располага со над 1.400 места.

    Со катните гаражи, платформите и целосно со паркирањето во градот стопанисува ЈП „Стипион“. Цената за паркирање изнесува 40 денари за еден час на платформите и 30 денари во катните гаражи и на улиците.

     Т. ЈОВАНОВСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира