Во Тетовскиот Регион ова лето немаше пожари од голем размер, но тоа не значи дека тетовските пожарникари немаа работа. Напротив, дневно гаснат и десетина пожари, а од почетокот на оваа година се регистрирани 628 интервенции, од кои најголемиот дел се пожари на отворено или на објекти.
„Состојбата моментално е многу критична. Се знае дека имаме високи температури и тоа предизвикува многу пожари. Дневно, во просек, имаме 11 пожари, но имаше денови кога имавме дури 17 пожари во еден ден. Ако продолжат високите температури, а прогнозите го велат тоа, и понатаму ќе има опасност од нови пожари и тоа во поголем број“, вели командирот на Територијалната противпожарна единица на Тетово, Авни Амети.
Според него, најкритичен дел во Тетовскиот Регион е Општина Теарце. Тука има многу пожари на отворен простор поради палење стрништа. Среќна околност е што годинава во Теарце се отвори противпожарна единица, со што драстично се скрати времето за интервенција.
„Причината за пожарите најчесто е намерно палење огнови, односно горење стрништа. Полицијата и овде е на терен и има 2-3 случаи кога фатиле луѓе како палат стрништа. Но, не само на отворено, опасност од ширење пожари има и во селските дворови. Карактеристичен е случајот кој неодамна се случи во Брвеница. На 3 август, двајца браќа пријавиле дека нивни сосед во задниот дел од својот двор запалил отпаден материјал, по што огнот се проширил кон нивната земјоделска парцела со површина од околу 2.400 квадратни метри, а зафатил и ѕидови од куќата на осомничениот“, истакна Амети.
Освен во Тетовскиот Регион, годинава ТППЕ Тетово има интервенирано и на три пожари во Гостивар.
З. АНДОНОВ



