Реките Тополка и Бабуна не се препорачуваат за капење, покажуваат анализите на водите извршени од Центарот за јавно здравје Велес во јуни. Двете реки се планински и извираат од планината Јакупица. Така летово, велешани можат да најдат освежување од високите температури само на Градскиот базен и во базените на хотелите во околината на градот. Езерото Младост две години е забрането за капење.
Тополка не е безбедна во Чашка на мерното место „Чашка-капалиште“ и не може да се користи за капење и рекреација на луѓето. Причината е влошениот квалитет на водата по однос на матност и микробиолошки статус, кој е од трета класа. Aнализираниот примерок на вода бил од втора и прва класа по останати испитани параметри.
Водата на Тополка пред вливот во Вардар близу Велес, според извршените испитувања и стручната анализа, не може да се користи за капење и рекреација на луѓето. Анализираниот примерок на вода бил од петта класа по присутна матност, трета класа по бактериска контаминација, сатурација и присуство на амонијак и нитрити, а по однос на останати испитани параметри е од втора и прва класа.
Бабуна не треба да се користи за капење и рекреација на прва плажа, во долниот тек, каде што летово бројни велешани се рекреираат. Анализираниот примерок на вода бил од трета класа по бактериска контаминација, со присуство на амонијак и манган, а по однос на останати испитани параметри е од втора и прва класа.
Неколку години не се мери квалитетот на Вардар низ Велес, од Башино Село до вливот на Бабуна, бидејќи не се користи за капење.
П. ПЕЧКОВ



