ОБВИНЕНИЕ ЗА ЕКСВИЦЕПРЕМИЕРОТ АРТАН ГРУБИ ЗА ПРОНЕВЕРА НА 8,2 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА, СУДЕЊЕТО ПОЧНУВА НА 24 АВГУСТ

    ОБВИНЕНИЕ ЗА ЕКСВИЦЕПРЕМИЕРОТ АРТАН ГРУБИ ЗА ПРОНЕВЕРА НА 8,2 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА, СУДЕЊЕТО ПОЧНУВА НА 24 АВГУСТПокрај Груби, осомничени во овој случај се и Прпарим Бајрами, претседател на Управниот одбор и Генерален директор на Државна лотарија кој е во бегство речиси една година и уште шестмина. (Фото: СДК.МК)

    Поднесено е обвинение против поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и уште седуммина осомничени за проневера од 8,2 милиони евра во Државна лотарија. Обвинителството бара на Груби да му биде продолжен куќниот притвор, кој му е определена заедно со мерката на претпазливост – привремено одземање на патна исправа и забрана за издавање на патна или друга исправа за преминување на државната граница. Покрај Груби, осомничен во овој случај е и Прпарим Бајрами, претседател на Управниот одбор и Генерален директор на Државна лотарија, кој е во бегство речиси една година, а јавниот обвинител за него побара да му биде определена мерка притвор од пронаоѓање во траење од 30 дена.

    Кривичниот суд го прифати поднесеното обвинение за предметот поврзан со Државна лотарија каде обвинет е Артаб Груби и други 8 лица. Првото рочиште е закажано за 24 август во 10 часот, Основниот кривичен суд Скопје. На сите обвинети им се става на товар кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5, во врска со став 4 и став 1, како и член 22 од Кривичниот законик. Од Кривичниот суд наведуваат дека предметот, преку системот за автоматска распределба, е распределен кај судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски. Судењето е насрочено за 24 август во 10 часот.

    Од Судот дополнуваат дека, со оглед на тоа што Основното јавно обвинителство Скопје поднело обвинителен предлог, согласно член 470 став 4 од Законот за кривична постапка, мерката притвор може да трае најдолго 60 дена од денот на поднесувањето на предлогот до завршувањето на главната расправа. Според соопштението, тоа значи дека мерката притвор може да трае најдолго 60 дена сметано од денеска, 13 август.

    Груби по 14-месечно бегство се предаде на граничниот премин Блаце на 23 февруари 2026. Беше избеган во Косово, каде за влез не треба пасош туку само лична карта. Обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје го остави само пола ден во затворски притвор и веднаш мерката му ја ублажи во куќен притвор.

    Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека поднесе обвинение против вкупно 8 лица како соизвршители во кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 4 и став 1 од Кривичниот законик. Обвинетите, во текот на 2023 и 2024 заеднички презеле дејствија со кои ги пречекориле границите на своите посебни овластувања и должности, со намера да му нанесат штета на оштетеното правно лице Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија во значителна вредност од 507.632.173 денари (над 8.2 милиони евра).

    „Тие биле свесни дека Акционерското друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија немало право да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали на територијата на државава, бидејќи во 2013 година го вложило тоа право како непаричен влог со вредност од 6.244.898 евра при основањето на Друштво за приредување игри на среќа Државна видеолотарија на Република Македонија-КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, за што се стекнало со удел во висина од 51% од основната главнина на друштвото. И покрај тоа, првиот обвинет генерален директор и претседател на Управниот одбор на “Државна лотарија” на 09.05.2023 година, до третиот обвинет – Генерален секретар на Владата на РСМ доставил Информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување на електронските игри на среќа. Во информацијата со предлог заклучоци навел дека вредноста на набавката изнесува 42% од сметководствената вредност на имотот на друштвото, определена врз основа на последните финансиски извештаи на друштвото и како таква ќе претставува голема зделка, а нејзиното одобрување е во надлежност на надзорниот одбор на друштвото. Генералниот секретар на 06.06.2023 година ја предложил оваа информација како дополнување на точка на дневен ред на владина седница, со што постапил спротивно на чл.119 ст.2 од Деловникот за работа на Влада на РСМ и не ја вратил информацијата до подносителот односно не ја препратил до надлежниот орган“, вели Обвинителството.

    Вториот обвинет, кој имал реално влијание во раководењето со АД Државна лотарија, во својство на одговорно лице, претседавал со седница на Влада на Република Северна Македонија во својство на собрание на Државната лотарија и предложил вака дополнетата точка на дневен ред да се усвои, иако бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата како Собрание на Акционерското друштво. Доставената информација била усвоена и Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија било задолжено да ги преземе потребните активности за започнување на самостојно приредување на електронски игри на среќа и спроведување на јавна набавка на видеолотариски терминали. Останатите обвинети, претседател и членови на Надзорниот одбор, иако знаеле дека законската процедура не е испочитувана, донеле одлука со која го одобриле отпочнувањето на постапката за јавна набавка на видеолотариски терминали за приредување електронски игри на среќа како голема зделка. Јавната набавка се реализирала и биле преземени обврски за исплата со кои на АД Државна лотарија била нанесена штета во наведениот износ.

    Надлежниот јавен обвинител предложи и за останатите обвинети да бидат определени мерки на претпазливост – обврска да се јавуваат повремено во Судот, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, како и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира