Речиси двесте луѓе, вклучувајќи и деца, се спасени од морето ноќеска откако избегале од катастрофалниот пожар кај хрватскиот град Омиш. Тие се засолниле во водата или на пловилата откако огнот се доближил до брегот, објавија хрватските медиуми.
Координираната акција за нивно спасување почнала синоќа пред полноќ по дојавата дека голем број луѓе со деца се наоѓа во морето и иа бродовите без надзор. Нивната евакуација траела два и пол часа, при што биле спасени 194 луѓе.
Бројни објекти, возила и пловила изгореле во пожарот кој избувнал кај местото Локва Рогозница, по што се прошири кон Омиш и го зафати подрачјето над самиот град. Властите кажаа дека е причинета огромна материјална штета, а 36 луѓе побарале лекарска помош. Од нив, 14 се задржани во болница, при што седуммина се во тешка состојба, вклучувајќи 17-годишник.
Главниот заповедник на пожарникарите Славко Туцаковиќ го опиша пожарот како еден од најтешките со кои се соочил. Тој кажа дека пожарот брзо се ширел поради силните ветрови, при што изгорела површина меѓу 900 и 1.000 хектари. Ситуацијата во меѓувреме е ставена под контрола.



