Од Сараево за САКАМДАКАЖАМ.МК: Марина Лазаревска
Долг аплауз и повеќеминутни стоечки овации доби македонскиот игран филм „17“, дебито на режисерката Косара Митиќ, на синоќешната регионална премиера во конкуренцијата за наградат „Срце на Сараево“ на 32. Сараевски филмски фестивал, Филмот во февруарија имаше светска премиера во натпреварувачката програма „Перспективи“ на Берлинале.
Пред проекцијата, селекторката на програмата за долгометражен игран филм, Елма Татарагиќ, рече дека годинава за првпат откако е воспоставена натпреварувачката програма за игран филм, во конкуренцијата се вклучени два македонски филма.

„Сакам да го споделам ‘17’ со вас и се надевам дека ќе остане долго со вас откако ќе се изгаснат светлата“, рече Митиќ. (Фото: СФФ)
„’17’“ е првиот филм што го одбравме за натпреварувачката програма. Станува збор за дебитантски филм на режисерка која ја следиме низ годините во ‘Синелинк’, каде што се развиваше и овој проект“, рече Татарагиќ.
Режисерката Митиќ рече дека со радост се враќа во Сараево, каде што се чувствува како дома.
„Сакам да го споделам ‘17’ со вас и се надевам дека ќе остане долго со вас откако ќе се изгаснат светлата“, рече Митиќ.
Филмот е долгометражно деби на Митиќ, која сценариото го потпишува заедно со хрватскиот сценарист и режисер Огњен Свиличиќ. Филмот ја следи приказната за седумнаесетгодишната Сара, која заминува на училишна екскурзија криејќи тајна за која никој не знае. Инспирацијата е вистинит настан кој се случи во 2016, кога студентка од Скопје го фрли во корпа за отпадоци своето живо родено бебе, во тоалет на граничниот премин Табановце и замина на апсолвентска екскурзија во странство.
На прес-конференцијата, Митиќ рече дека филмот е инспириран од вистински настан, но не бил замислен како приказна што бара едноставни одговори или посочува вина. Според неа, филмот не зборува за индивидуален неуспех, туку за колективна одговорност.
„Во 2017 година прочитав во весник за девојка која за време на екскурзија се породила во јавен тоалет на границата и го оставила детето во канта за отпадоци. Тоа е шокантно, но уште повеќе ме запрепасти занемарувањето од страна на околината. Како никој не забележал дека е бремена? Ова е филм за емоционалното насилство на молкот. Филмот не се занимава со барање одговори, не се занимава со обвинување, со морализирање, туку со тоа кои луѓе, институции и тишини дозволиле да се случи такво нешто“, рече Митиќ.

Актерите Петар Маниќ, Мартина Даниловска, Ева Костиќ и режисерката Митиќ ги потпишаа фестивалските портрети. (Фото: СФФ)
За визуелниот пристап, Митиќ додаде дека сакала сè да биде од перспективата на главниот лик, да бидат исклучително блиску до неа, и физички и емоционално.
Продуцентот Томи Салковски рече дека филмот досега бил прикажан на седум фестивали, каде што освоил пет награди, додека домашната премиера допрва следува. Салковски и Митиќ претходно соработувале на два нејзини краткометражни филма.
– Таа инсистираше да работиме заедно и на нејзиниот дебитантски филм. Долго траеше – две години… но беше совршено“, рече тој.
Во „17“ играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.
Актерите во времето на снимањето биле на иста возраст како и ликовите што ги толкуваат, што дополнително ја олеснило работата на оваа чувствителна тема. Кастингот траел два месеци и започнал со едноставни разговори со младите актери.
„Ова е многу повеќе од локален проблем. Тој е присутен насекаде во светот, што го прави уште потежок, но и поважен“, рече актерот Петар Маниќ.
Актерката Ева Костиќ, пак, го опиша искуството со камерата како целосно потопување во приказната. Снимањето било особено емотивно за целата екипа. Сцената на породувањето била снимена во истиот јавен тоалет каде што во реалноста се породила девојката чија приказна ја инспирирала режисерката.
„Многу истражував, гледав снимки од породувања, а со Косара дури присуствував и на едно породување во болница“, рече Костиќ.
Филмското списание „Скрин дејли“ во рецензија од Сараево насловена „Почетничката Ева Костиќ импресионира во интензиванта драма за сексуално насилство“, вели дека филмот е „импресивно контролирано долгометражно деби на Митиќ“, а оти Костиќ е „извонредно убедливо во првата филмска улога“.
„17″ е копродукција на македонската „Црна мачка продукција“ со „Арт&попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, поддржана од македонската Агенција за филм и филмските фондови на Србија и Словенија. Филмот доби 23 милиони денари (околу 345.000 евра) на првиот конкурс на Агенцијата за филм во 2021. Продуценти се Томи Салковски и Кристијан Буровски, кинематографер е Наум Доксевски, сценографи се Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминка и фризура на Карла Лазиќ (Србија), снимател на звук е Аљаж Лукан (Словенија), а монтажер Дејан Смилески.
Во документарната селекција за „Срце на Сараево“ на 16 август светска премиера имаше документарецот „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски со преживеаните од пожарот во „Пулс“ во Кочани, денеска во селекцијата Тинарена ќе игра кусиот „Кучињата немаат соништа“ на Ханис Багашов, а на 21 август европска премиера ќе има „Скејтањето не е за девојчиња“ на Дина Дума.



