Поранешниот украински министер за одбрана, Михајло Федоров, повика на одржување избори и покрај тековната војна со Русија – помалку од еден месец по неговото разрешување – се вели во видеопораката што тој ја објави на интернет.
„Демократијата не смее да биде заложник на Русија. Се бориме токму затоа што сакаме да бидеме слободна европска држава“, рече Федоров во видеопораката. Државата мора да најде „правен, безбеден и реален механизам“ за спроведување гласање и покрај војната што продолжува, додаде тој.
Федоров беше разрешен по помалку од шест месеци на функцијата министер за одбрана, како дел од владина реконструкција. Претходно, тој го предводеше Министерството за дигитална трансформација, кое беше новоформирано во 2019. Неговото разрешување предизвика демонстрации – главно од млади луѓе – со барање за негово враќање на чело на ресорот одбрана.
В;era, претседателот Володимир Зеленски до парламентот ја поднесе кандидатурата на вршителот на должноста министер за одбрана, Јевгениј Хмара, за таа функција. Видеопораката на Федоров нашироко се толкува како одговор на таа номинација.
Растечката популарност на Федоров се сметаше за една од причините за неговото разрешување. На 35-годишна возраст, тој исто така ја достигна минималната старосна граница пропишана со Уставот за кандидирање за претседател.
Според актуелните закони за воена состојба, изборите се забранети. Сепак, законот може да се измени со просто мнозинство. Од друга страна, за парламентарни избори е потребна уставна измена – што е исклучено во услови на тековна воена состојба. Редовните претседателски, парламентарни и локални избори не се одржани поради војната.
Украина се брани од руска инвазија од целосен обем веќе речиси четири и пол години.



