СЛАТКАРИСТИКА, „СУПЕРХИКС“, “2 БОНА“, „ФАНК ШУИ“ И ДИНА ЈАШАРИ ЌЕ ПЕАТ НА 2 СЕПТЕМВРИ ВО СКОПЈЕ ЗА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ

    СЛАТКАРИСТИКА, „СУПЕРХИКС“, “2 БОНА“, „ФАНК ШУИ“ И ДИНА ЈАШАРИ ЌЕ ПЕАТ НА 2 СЕПТЕМВРИ ВО СКОПЈЕ ЗА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТРаперот Марко Маринковиќ-Слаткар е дел од музичарите кои ќе настапат на 2 септември во Скопје (Фото: СДК.МК)

    Слаткаристика, „Суперхикс“, „2Бона“, „Фанк Шуи“ и Дина Јашари ќе настапат на 2 септември на платото пред “Т Арена“ во Скопје, во рамките на програмата „Најдоброто од Македонија“, по повод 35 години независност на Македонија, објави „Авалон“.

    „Една вечер, различни генерации и комбинација од најдоброто од македонската музика на едно место“, велат од продукцијата. Влезот за концертот е бесплатен.

    Одбележувањето на 35-годишнината од независноста почна со повеќе настани низ земјава, меѓу кои и музичко-сценскиот караван „Силно светнал ден“. Караванот почна на 9 август во Охрид, а е предвидено да помине низ вкупно 11 градови во Македонија.

    Преку музика, глума, танц и поезија, „Силно светнал ден“ ја раскажува приказната за 35 години независност, со осврт на значајни историски, културни и спортски моменти, во изминатите 35 години. Главен лик, домаќин и раскажувач е Игор Џамбазов, режијата е на Дејан Пројковски, а во проектот учествуваат околу 120 македонски музичари, актери и други уметници.

    На 1 септември на Плоштад „Македонија“ е најавен концерт на славниот шпански тенор Хосе Карерас, со Каролина Гочева, Калиопи, Влатко Стефановски, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Игор Дурловски и Ана Дурловски.

    На 4 септември скопскиот плоштад завршува караванот „Силно светнал ден“.

    Музичкиот дел од прославата на 35 години независност ќе заврши на 8 септември, на Денот на независноста, со концерт на францускиот диџеј и продуцент Дејвид Гета во Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира