КРАТКИОТ ФИЛМ „KУЧИЊАТА НЕМААТ СОНИШТА“ НА ХАНИС БАГАШОВ СО СВЕТСКА ПРЕМИЕРА ВО САРАЕВО

    КРАТКИОТ ФИЛМ „KУЧИЊАТА НЕМААТ СОНИШТА“ НА ХАНИС БАГАШОВ СО СВЕТСКА ПРЕМИЕРА ВО САРАЕВОБагашов со дел од екипата на црвениот килим во Сараево. (Фото: СФФ)

    Од Сараево за САКАМДАКАЖАМ.МК: Марина Лазаревска

    Краткометражниот игран филм „Кучињата немаат соништа“ на младиот македонски автор Ханис Багашов ја имаше светската премиера на 32. Сараевски филмски фестивал. Филмот беше прикажан во програмата „Тин арена“, во која седум краткометражни филмови од целиот свет се натпреваруваат за една награда.

    Програмата „Тин арена“ е отворена за филмови од сите земји и, за разлика од главните натпреварувачки селекции на фестивалот, не е ограничена само на филмови од Југоисточна Европа. Багашов, актерот Дениз Рустеми и монтажерката Касијана Ангелова присуствуваа на фестивалот.

    „Филмот имаше три проекции, а по завршување на фестивалот ќе биде достапен онлајн пет дена на платформата на Сараевскиот филмски фестивали во рамки територијата на Босна и Херцеговина. Презадоволни сме од приемот и реакциите“, ни рече Багашов.

    „Кучињата немаат соништа“ ја следи приказната на тинејџерите Илире и Бесник од планинско село, на кои патријархалното наследство не им дозволува да бидат заедно. Филмот е по сценарио, режија и во продукција на Багашов. Главните улоги ги играат Ера Балај и Дениз Рустеми, а во филмот играат и Илире Винца, Рефет Абази, Ментор Курти и Греса Фаризи.

    Директор на фотографија е Фејми Даут, монтажата е на Касијана Ангелова, музиката на Арта Абази, а костимографијата и сценографијата се на Елена Билбилоска. Дизајнер на звукот е Дарко Спасовски.

    Копродуценти се Касијана Ангелова од Бугарија и Јуре Тержан од Словенија. Филмот е во продукција на „Хитра филмс“, а копродуценти се „Етерна филмс“ и „Касабланка“. „Кучињата немаат соништа“ е поддржан од Агенцијата за филм, а македонската премиера се очекува во септември.

    Годинава во официјалната натпреварувачка селекција за долгометражен игран филм првпат има два македонски филма, „17“ на Косара Митиќ кој имаше регионална премиера на 19 август и европската премиера на „Скејтањето не е за девојиња“ на Дина Дума на 20 август. Документарецот „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски имаше светскапремиера во официјалната документарна селекција.

    32-то издание на Сараевскиот филмски фестивал завршува вечерва со церемонијата на доделување на наградите во Народниот театар во Сараево.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира