Собранието во текст наречен „демант“, признава дека на приватно им ги плаќа дополнителните прегледи мамографија и ехо на дојка на пратеничките, кое вчера САКАМДАКАЖАМ.МК го објави во текстот со наслов: СОБРАНИЕТО ПЛАЌА МАМОГРАФИЈА НА ПРИВАТНО ЗА ПРАТЕНИЧКИТЕ ДОДЕКА ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО СО МЕСЕЦИ СЕ ЧЕКА ТЕРМИН, СЀ ПОВЕЌЕ ДРЖАВНИ ИНСТИТУЦИИ ПЛАЌААТ ПРИВАТНО ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ.
Во продолжение, Собранието вели дека јавната набавка што ја спроведува Собранието е за конкретни здравствени и превентивни прегледи во рамки на систематскиот преглед, а не за набавка на полиси за приватно здравствено осигурување.
САКАМДАКАЖАМ.МК во ниеден момент во текстот не ја спори законската обврска за редовен систематски преглед на кое се осврнува Собранието во целиот свој текст испратен денеска до медиумите. Повторува дека е законска обврска систематскиот преглед, а молчи дека не е законска обврска мамографијата.
Нема ни збор за тоа зошто со пари на граѓаните и на граѓанките кои тешко или никако не доаѓаат до термин за преглед мамографија на дојка, ги привилегира и во пакет со основниот систематски преглед, ја пакува и оваа услуга која на приватно чини од 3.000 до 5.000 денари од преглед. Без ехо на дојка, кое исто така е во дополнителните услуги.
„Приватното здравствено осигурување подразбира склучување осигурителна полиса со осигурително друштво со која на осигурените лица им се покриваат определени здравствени услуги во согласност со условите на полисата. Собранието нема склучено такво осигурување за пратениците и вработените во Собраниската служба“, вели Собранието.



