ОРЦЕ ЃОРЃИЕВСКИ ПАК НЕ САКАШЕ ПОЕДИНЕЧНО ДА ОДГОВАРА СОВЕТНИЧКИ ПРАШАЊА, ОПОЗИЦИЈАТА РЕЧЕ ДЕКА ТОА ГО ПРАВИ ЗА ДА НЕМА ИСПАДИ И ДА НЕ РЕАГИРА БУРНО

    ОРЦЕ ЃОРЃИЕВСКИ ПАК НЕ САКАШЕ ПОЕДИНЕЧНО ДА ОДГОВАРА СОВЕТНИЧКИ ПРАШАЊА, ОПОЗИЦИЈАТА РЕЧЕ ДЕКА ТОА ГО ПРАВИ ЗА ДА НЕМА ИСПАДИ И ДА НЕ РЕАГИРА БУРНОВаков начин на одговарање на советнички прашање е прв пат во Град Скопје. Во мандатот на сите изминати градоначалниците прашањата се одговараа веднаш по поставувањето од советникот. Исклучок е ексградоначалничката Данела Арсовска, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, која не доаѓаше на седниците за советнички прашања. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски пак не сакаше поединечно да ги одговара прашањата на советнците на денешната седница на Советот на Град Скопје. Тој како и минатата седница реши да ги одговара збирно на крајот на седницата, откако сите советници ќе ги постават прашањата. Тоа значи дека Ѓорѓиевски си ги запишува прашањата во тефтер, ги слуша сите 40 советници и после два часа излегува на говорницата и одговара збирно на прашањата, давајќи кус одговор, со што се губи суштината и се губи можноста за дебата.

    Ваков начин на одговарање на советнички прашање е првпат во Град Скопје. Во мандатот на сите изминати градоначалниците прашањата се одговараа веднаш по поставувањето од советникот. Исклучок е ексградоначалничката Данела Арсовска, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, која не доаѓаше на седниците за советнички прашања.

    Во Собранието кога има пратенички прашања нив премиерот или министрите ги одговаараат поединечно. После секое прашање на пратеник на говорницата излегува премиерот или министерот и веднаш одговара на тоа што е поставено, по што може да се следи и реплика и контрареплика односно да се развие дебата.

    На ваквиот нов начин на одговарање на советнички прашања воведен од Ѓорѓиевски остро реагираа советнците од целата опозиција односно од СДСМ. Левица, ДУИ и „Зелен хуман град“. Тие инсистираа да се смени ваквиот начин на одговарање, кое е побаран од Ѓорѓиевски, а поддржам од советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои се мнозинство.

    „Новиот начин на поставување советнички прашања не ја подобрува работата на Советот туку ја ослабува дебатата, ја намалува контролата и ја губи суштината на самите советнички прашања.Советничкото прашање не е формалност што треба што побрзо да се истурка. Кога прашањата се мешаат, одговорите се даваат без јасен ред, а јавноста и медиумите не можат лесно да следат кој што прашал и кој што одговорил – тогаш не добиваме ефикасност. Добиваме замолчена дебата“, рече советничката од СДСМ Кети Штејрова.

    Советничката од Левица Дарја Мустафаоглу рече дека ваквиот начин на одговарање на советнички прашања не е според Деловникот и дека Ѓорѓиевски ова го прави за да се соземе и да избегне испади кои ги имал на претходните седници.

    „Ако причината за ова менување на Деловникот е градоначалникот да се прибере, да си ги среди забелешките, да се соземе или да избегне испади какви што сме имале на минатите седници, тоа не може да се решава со менување на Деловникот на Советот. Тантрумите и испадите на градоначалникот не се деловничка категорија, неговиот темперамент е негова одговорност, неговата способност да сослуша забелешка, незгодни прашања и критики без да реагира импулсивност“, кажа советничката Мустафаоглу од советничката група на Левица коja ја напушти седницата оти Ѓорѓиевски не прифати да одговара поединечно на прашањата.

    Советникот од „Зелен хуман град“ Калевски од говорницата побара прашањата веднаш да му се одговорат, а не збирно на крај на седницата.

    „Ако градоначалникот игра валкано тогаш и ние ќе го бомбардираме со прашања на секоја седница“, рече Калевски.

    Ѓорѓиевски после критиките од сите советнци од опозицијата кажа дека тој секогаш одговарaл на прашања и не се крие, но не даде конкретно објаснување зошто сака да одговара збирно на прашањата, а не поединечно како што било пракса so години во мандатите на сите други градоналници.

    И покрај критиките на советниците, Ѓорѓиевски и советниците од ВМРО-ДПМНЕ не го сменија својот став и пак прашањата како и минатата седница се одговараа збирно на крајот на седницата, и ќе стане пракса и за наредните седници за советнички прашања кои се одржуваат еднаш во месецот.

     А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира