Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски воведе нов принцип на одговарање на советнички прашања, прво ги слушаше сите прашања на советниците, а потоа ги одговараше сите наеднаш. Ова е првпат градоначалник на Град Скопје да воспостави ваква пракса, со што се оневозможува дебата и не се добиваат конкретни одговори на прашањата оти се одговара општо, а како што рекоа советниците, се укинува и можноста за реплика.
На вчерашната седница на Советот на Град Скопје советнички прашања поставија 25 советници, од кои мнозинството беа од опозицијата, односно од советниците на СДСМ, Левица и ДУИ. Секој советник поставуваше по три прашања, што значи дека беа поставени 70-тина прашања, кои Ѓорѓиевски си ги запишуваше во тефтер. Откако после два часа се поставија сите прашања, Ѓорѓиевски излезе на говорницата и читајќи од тефтерот она што го запишал од поставено прашање, даваше кус и општ одговор. На некои не даде одговор, бидејќи рече дека истото прашање било поставено од друг советник и веќе кажал за тоа.
Советниците од опозицијата во Советот на Град Скопје остро реагираа на ваквиот нов принцип кој, како што велат, си го смисли ВМРО-ДПМНЕ без согласност од сите советници. Сите советници пред да ги постават прашањата реагираа дека ваквиот начин на поставување прашања и одговори мора да се смени оти се губи дебата и можноста за реплика.
Советничката од Левица Евгенија Станкоска рече дека ваквото ноншалантно и бесрамно кршење на Деловникот е стратегија на пиарот на ВМРО-ДПМНЕ за да го менаџира агресивниот пристап на одговори на градоначалникот Ѓорѓиевски. На изминатите седници Ѓорѓиевски влегуваше во жестоки дебати и се караше со советниците на опозицијата.
„Очигледно, сите големи утки во неговиот пиаровски настап на овие седници се случуваат токму кога ќе се изнервира, кога ќе се постави некое малце деликатно советничко прашање и после гледаме дека му паѓа рејтингот. Затоа што си го покажува вистинското лице пред јавноста, па вака најверојатно сакаат да му дадат малце време да се смири, да се консултира со тимот што да одговори и тука да излезе и да промовира работи што воопшто ги нема завршено. Друга причина е затоа што сакате да завршите порано и да си одите дома. Како не ви е срам, земате паушал од 44.000 денари, имаме седница еднаш месечно и не можете да издржите да седите тука три саати, сакате побрзо да завршите и од дома на Фејсбук да ја промовирате големата идеја на ВМРО-ДПМНЕ? Срамно е ова, ние сме против ова и не ми се верува дека се случува во Совет на главен град“, рече советничката Евгенија Станкоска од Левица.
Реагираа и советниците од СДСМ кои побараа од претседателот на Советот Даме Димитровски да се прекине со ваквиот начин на одговарање советнички прашања оти се губи поентата на самата седница, не се добива ни квалитет ни квантитет, на што Димитровски рече дека не се согласува.
„Орце Ѓеорѓиевски го гази Деловникот и ја замолкнува опозицијата, наместо дебата – монолог во Советот. Нова седница и нов изум на владејачкото мнозинство во Град Скопје. Како да се уништи демократијата, како да се уништи дебатата овде во Советот на Град Скопје. Сами одлучија, без опозицијата која жестоко се спротивстави на ова, но и спротивно на ставот на еден советник од владејачкото мнозинство, кој посочи дека ова не е добро решение. Порано поставувавме прашања, а сега градоначалникот држи монолог, одговара на прашања, а ние немаме право и можност да реплицираме и да укажеме за што всушност станува збор“, рече Катерина Цаневска, советничка од СДСМ.
Претседателот на Советот Димитровски на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто за првпат во Советот на Град Скопје е воведена ваква пракса за одговарање на советнички прашање, со која се оневозможува дебата, рече дека тоа е направено за пофункционално работење на Советот.
„Ваков начин на поставување на советнички прашања има во некои европски градови. Доколку се покаже како неуспешно секако дека ќе се вратиме на стариот начин, да оставиме простор да видиме како ќе функционира“, рече Димитровски.
Во минатиот мандат на Советот кога градоначалничка беше Данела Арсовска, која на изборите беше кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, воопшто не се одржуваа седници за советнички прашања оти градоначалничката не доаѓаше на седниците.
А. АНТЕВСКА



