Нема еден билет за возење со Градскиот воз и автобусите на ЈСП „Скопје“. Патниците кои од Зелениково со Градскиот воз доаѓаат до Транспортен центар, за да стигнат до центарот, Бит пазар, Клинички центар или пак во друг дел на Скопје треба да земат автобус. Но, во автобусот мора да платат нова карта, бидејќи нема интегриран систем со кои еден билет би важел временски, на пример два часа, и со него патникот ќе може да се вози со автобуси и со Градскиот воз. Вака функционира јавниот превоз секаде низ европските градови.
Билетот за возење со Градскиот воз во еден правец е 40 денари, а повратен е 70 денари. Билет, пак, во автобус на ЈСП „Скопје’ е 35 денари односно 40 денари ако се плаќа со телефон.
Од Град Скопје и Министерството за транспорт и врски на промоцијата на Градскиот воз на 1 септември, ги повикаа граѓаните да го користат во поголем број. Беше кажано дека на овој начин се подобрува мобилноста во градот и се овозможува на граѓаните за брзо време да стигнат до центарот на градот.
Од Град Скопје на нашето прашање зошто не е воведен еден билет за воз и автобус рекоа дека се работи на овој проект.
„Град Скопје, Министерството за транспорт и ЈСП веќе работат на изнаоѓање решение за интегриран транспортен систем. Еден од сегментите на кој активно се работи е воведувањето интегрирана транспортна картичка, која би имала примена во градскиот превоз и во други форми на јавен транспорт. Целта е да се воспостави поедноставен, поефикасен и функционален систем за граѓаните, кој ќе овозможи полесно користење на јавниот превоз“, велат од Град Скопје.
Во јули годинава, советниците од Левица предложија да се воведе билет со кој возењето во автобусите на ЈСП ќе трае два часа , како во сите европски градови. Но овој нивни предлог не беше прифатен од мнозинството кое во Советот на Град Скопје го има ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, ниту градоначалникот Орце Ѓорѓиевски се изјасни по овој предлог за подобрување на условите во јавниот превоз.
Според возниот ред, Градскиот воз има по девет поаѓање од Зелениково и од Транспортен центар, а патувањето трае од 24 до 28 минути.
Градскиот воз предвидува уште две делници, кон Илинден и Ѓорче Петров. И на двете места има постоечки пруги, меѓутоа за разлика од таа од Зелениково, на овие делници нема никаков сообраќај и се во многу лоша состојба. Во тек е постапката за проектирање, по што ќе се распише оглас за избор на изведувач на двете траси. Нивната изградба се очекува да заврпи до крајот на 2027.
А. АНТЕВСКА



