Бесплатен пристап до електронските изданија на Службениот весник и за тековната година, а не само за архивата, бара Центарот за управување со промени (ЦУП) со иницијатива за законски измени поднесена во Министерството за правда.
„Анализите покажаа дека обезбедувањето бесплатен пристап до електронските изданија на службениот весник ќе придонесе кон поголема правна сигурност на граѓаните, бзинисите, медиумите и институциите, зајакната транспарентност и отчетност на институциите, нема да ја наруши финансиската стабилност на ЈП службен весник. Споредбената анлиза на еворпските држави покажува дека Македонија заостанува и во услови на дигитализација нема оправдани причини да не се обезбеди бесплатен пристап до електронските изданија на службениот весник. Обезбедување на бесплатен пристап до Службениот весник е вистински симболичен начин да се одбележи 35 години независност на државата“, велат од ЦУП во анализата на правните, економските и демократските придобивки ако „Службен весник“ е бесплатен.
Архивата на „Службениот весник“ за изминатите години е бесплатно достапни на неговата веб-страница. Пристапот до изданијата за тековната година се наплаќа со месечна или годишна претплата. За печатено издание годишната претплата чини 16.650 денари, а месечната рата е 1.650 денари. За електронско издание годишната претплата 7.000 денари по корисник.
„Не можеме да зборуваме за владеење на правото кога граѓаните имаат ограничен пристап до општите правни прописи на државата, а оваа апсурдна состојба е показател за ниската правната и политичката култура во државата. Оттука, Собранието и Владата имаат обврска да ја отстранат оваа системска аномалија и да обезбедат слободен и бесплатен пристап до законодавството на државата“, велат од ЦУП.
ЦУП предлага во Предлог-законот за измена на Законот за објавување на општите правни прописи, кој веќе се наоѓа на ЕНЕР, експлицитно да се внесе одредба со која ќе се дефинира дека пристапот до сите прописи и јавни огласи мора да биде без паричен надоместок.
„На 23.12.2025 година на платформата ЕНЕР беше објавен Предлог-закон за измена и дополнување на Законот за објавување на општите правни прописи. Предвидено е дополнување на Законот кое пропишува дека задолжително се објавува електронско издание на ‘Службениот весник’, додека печатеното издание може да биде објавено по потреба. Кога веќе процесот за измена на Законот е отпочнат, многу посуштинска измена ќе биде доколку се пропише дека ‘пристапот до законите, другите општи прописи и јавните огласи не може да биде предмет на наплата и мора непречено да бидат јавно достапни’. Понатаму, ќе остане на ЈП ‘Службен весник’ да ја операционализира ваквата одредба““, велат од ЦУП.
Според анализата, која му е претставена и на раководството на „Службен весник“, наплатата од електронското издание е само 7 осто од приходот на ова јавно претпријатие.
„Најповолно решение за надополнување на потенцијалната загуба по воведување на бесплатно електронско издание на ‘Службениот весник’ ќе се постигне со укинување на редовното печатеното издание на ‘Службениот весник’ и нудење на печатеното издание по единечна нарачка. Ова решение не само што ја покрива загубата од укинувањето на претплатата за електронското издание на ‘Службен весник’, туку решението дополнително остварува профит за ЈП Службн весник“, велат од ЦУП.
Според споредбената анализа на ЦУП за практиката во други земји, пристапот до „Народниот лист на Република Хрватска“, што е еквивалент на „Службениот весник на РСМ“, е бесплатен и лесно електронски достапен. Ист е случајот и со „Уредни лист на Република Словенија“. Службените весници на Сојузна Република Германија и Република Франција се бесплатни, а се наплаќаат само дополнителни услуги. Има и други држави што обезбедуваат бесплатен и слободен пристап до службените весници, особено во услови на интензивна дигитализација.



