ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „НАЗА“ НА ИЗРАЕЛСКИТЕ ОСКАРОВЦИ АБРАХАМ И ЗОР ЗА УБИВАЊЕТО ЦИВИЛИ ВО ГАЗА ДОБИ РЕКОРДЕН 25-МИНУТЕН АПЛАУЗ НА ПРЕМИЕРАТА ВО ВЕНЕЦИЈА

    ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „НАЗА“ НА ИЗРАЕЛСКИТЕ ОСКАРОВЦИ АБРАХАМ И ЗОР ЗА УБИВАЊЕТО ЦИВИЛИ ВО ГАЗА ДОБИ РЕКОРДЕН 25-МИНУТЕН АПЛАУЗ НА ПРЕМИЕРАТА ВО ВЕНЕЦИЈА„Наза“ на Јувал Абрахам и Рејчел Зор е резултат на речиси тригодишно истражување, и е единствениот документарен филм во конкуренцијата за Златен лав на овогодишниот Венециски фестивал. (Фото:Гети)

    Нов, вознемирувачки документарен филм за масовното убивање цивили во Газа што Израел го спроведува со помош на вештачка интелигенција, режиран од двајцата израелски добитници на „Оскар“ Јувал Абрахам и Рејчел Зор, беше поздравен со 25-минутни овации на синоќешната премиер наа Филмскиот фестивал во Венеција.

    Публиката непрекинато аплаудираше за Јувал Абрахам и Рејчел Зор по проекцијата, поставувајќи нов рекорд во Венеција, по 23-минутните овации за друг филм за Газа минатата година, „Гласот на Хинд Раџаб“ на Каутер бин Ханија.

    „Наза“ е резултат на речиси тригодишно истражување, и е единствениот документарен филм во конкуренцијата за Златен лав на овогодишниот Венециски фестивал, кој завршува утре. Заедно со своите палестински колеги Басел Адра и Хамдан Балал, Абрахам и Шор освоија Оскар во 2025 година за филмот „Нема друга земја“, кој се занимава со насилството на израелските доселеници на окупираниот Западен Брег.

    Во својот филм „Наза“, Абрахам и Зор користеа разговори со 24 различни израелски воени или разузнавачки лица кои открија доверливи информации, а кои зборуваа под услов нивниот идентитет да биде заштитен.

    „Им дозволуваме на војниците и офицерите да зборуваат за тоа што го направиле“, изјави Абрахам. „Целта беше многу едноставна: сакавме што е можно подетално да слушнеме како изгледале системите за убивање во Газа и како функционирале“.

    Филмот во времетраење од 80 минути ги остави многумина од публиката вчудоневидени, при што соговорниците кажаа дека се чувствувале како да работат во „фабрика“ за убивање или во смртоносна видеоигра.

    „Наза“ е именуван според еуфемизам што го користат израелските разузнавачки служби за да го означат бројот на цивили за кои се очекува дека ќе бидат убиени во некој воздушен напад.

    Филмското списание „Скрин“ го опиша како филм што е „итен и силно погодува во стомак“, додека „Холивуд репортер“ наведе дека тој предизвикува „гнев… но и чувство на пониженост. Секако и одвратност, на длабоко ниво, кон актуелниот израелски режим“.

    Израелското бомбардирање на Газа резултираше со околу 73.500 загинати и 174.500 ранети Палестинци од октомври 2023, според Министерството за здравство на Газа (управувано од Хамас), чии податоци Обединетите нации ги сметаат за веродостојни. Жестоките напади врз територијата уследија по нападот врз Израел извршен од милитанти на Хамас на 7 октомври 2023, во кој загинаа 1.219 луѓе, според пресметките засновани на официјални податоци.

    Мажите и жените кои се појавуваат во „Наза“ – со дигитално изменети гласови и лица – детално го опишуваат системот заснован на вештачка интелигенција познат како „Лавендер“, кој се користел за идентификување лица за ликвидација.

    „Тоа се правеше масовно, како во фабрика“, вели еден од нив, снимен – како и сите останати – ноќе на кровна тераса, со застрашувачки тивкиот Тел Авив во позадина.

    „Лавендер“ користи податоци од масовниот надзор над Газа, каде што Израел ја следи целата телекомуникациска мрежа, за да идентификува цели врз основа на нивните телефонски повици, движења и интеракции.

    „Параметрите на системот се толку сложени што е тешко да се разберат“, им рече на авторите на филмот еден од соговорниците, кој изјави дека работел на системот.

    Други зборуваат за систематското уништување на цивилни домови, занемарувањето на воените и хуманитарните закони, како и за „општата атмосфера“ на „омраза“ кон Палестинците.

    „Како видеоигра е, бидејќи сè се прави од далечина“, вели во еден момент соговорник кој бил вклучен во идентификувањето на цели. Друг тоа го опишува како „лудо забавно“.

    Овациите лесно можат да бидат манипулирани и се сметаат за несовршено мерило за квалитетот на еден филм, но сепак даваат претстава за впечатокот што филмот го оставил кај фестивалската публика и кај критичарите.

    „Наза“ е продуциран од Британецот Џим Вилсон, со помош на режисерот Џонатан Глејзер што тимот што стои зад оскаровецот „Зона на интерес чие дејство се одвива во Аушвиц, како и од британскиот весник „Гардијан“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира