Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) до Управниот одбор ќе предложи предлог-измена на Правилникот за боледување, но исто така и предлог-измена на критериумите за контрола, за да бидеме сигурни дека средствата коишто ги исплаќаме стигнуваат до оние на коишто им се најпотребни и да бидеме сигурни дека ќе имаме механизми коишто ќе ни овозможат превенција на потенцијална злоупотреба на боледувањето, рече денеска директорот Златко Перински.
Една од предлог-измените е во делот на намалување на бројот на денови коишто матичниот лекар може да го издаде боледувањето, од седум на пет дена. Со измените се олеснува постапката за издавање на боледување за оние лица кои што се во неможност да дојдат со физичко присуство да го извадат боледувањето.
„Во делот на контролата, воспоставуваме механизми на заедничка контрола со останатите чинители во рамки на системот, како Управата за јавни приходи, како Министерството за внатрешни работи, сѐ со цел да можеме соодветно, границите во рамки на на секој сектор контролата да ги извршува своите контроли. Новина е што согласно извештајот на контролорот, издаденото лекарско иследување за лекарско боледување од страна на лекарска комисија, ќе може да се дополнително ревидира. Боледувањата секогаш се сензитивни за јавноста. Меѓутоа, идејата е да го превенираме правото на боледување, но и да спречиме злоупотреба во рамки на искривување на боледувањето, поради тоа што Фондот за здравствено осигурување за 2026 година во рамки на својот буџет има предвидено 6 милијарди и 454 милиони денари средства коишто се наместени за боледувања и за породилно отсуство. Тоа е значителна сума и во таа насока мораме да го затегнеме системот нa контрола“, кажа Перински.
Во пракса, како што појасни, тоа значи дека контролор по случаен избор, но и по пријава на работодавач, ќе може да заѕвони на врата каде што осигуреник е на боледување. Доколку контролорот не го најде лицето коешто е на боледување дома, во тој случај остава документ којшто го иницира истото лице да се јави на соодветната лекарска комисија и да образложи зошто не е дома или зошто не е во рамки на местото каде што би требало да го спроведува боледувањето. За тоа ќе бидат известени и работодавачите.
- ТРИ ГОДИНИ ПО РЕД РЕВИЗОРИТЕ ПОТСЕТУВААТ ДЕКА ГЕРМАНСКА БОЛНИЦА ИМА 21 ТУЖБА ПРОТИВ ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО И БАРА НАД 430 ИЛЈАДИ ЕВРА
- ВО 2025 ЗА 33 ОТСТО СЕ ЗГОЛЕМИЛЕ БОЛЕДУВАЊАТА ДО 30 ДЕНА ВО СПОРЕДБА СО 2021 КОГА БЕШЕ КОВИД ПАНДЕМИЈА, РЕЧЕ КЛЕКОВСКИ
Управниот одбор следната недела има состанок, а по усвојување на измените на Управниот одбор, се обезбедува позитивно мислење и согласност од инистерството за здравство и потоа веднаш се ефектуира.
Перински рече и дека според сегашниот правилник, кога ќе биде издаден рецепт од дежурните служби, ефектуирањето на тој рецепт мора да се реализира во рамки на истиот ден, односно до полноќ.
„Предлагаме измена до Управниот одбор тој рецепт да има рок на траење од 24 часа за да може пациентот којшто добил здравствена услуга во дежурство во подоцнежните часови да не е во трка со времето да го реализира истиот“, додаде тој.
Б. НЕСТОРОСКА



