Пред два века за две години се изгради Саат-култата во Битола, а сега неколку години не можat да направат една Противпожарна станица, рече советникот од ЛДП Димитар Кузмановски на седницата на Советот на Општина Битла одржана на 18 септември, на која се разговараше за извршување на Буџетот во вториот квартал од 2026 година.
„Замислете, во 1837 година започнала да се гради Саат-кулата и за 2 години ја направиле. Во турско време со магариња носеле материјали и за 2 години ја изградиле 33 метри висока, а ние не можеме 5 години да направиме една Противпожарна станица. Еден милион долари добивме донација од Министерството на одбрана на САД и таа сѐ уште е во фаза на карабина. А преку 20 пати се сликаа, се фалеа дека се наместени олуците, дека се постави тула“, рече Кузмановски.
Формирана пред 190 години со повелба на румелискиот валија, битолската Противпожарна единица е најстарата на Балканот, но со децении опстојува во стара станица која не ги задоволува современите стандарди. Изградба на нова Противпожарна станица ветуваа и претходни локани функционери, уште од времето на ексградоначалникот Владимир Талески. Изградбата започна во април 2024 година со пари на Општина Битола, а лани во ноември од локалата власт соопштија дека добија милион долари донација од САД. Објектот уште е во градба.
За Кузмановски, ова е пример за бавната реализација на капиталните инвестиции во градот. Според официјален одговор што го добил од локалната власт, во првите шест месеци од 2026 година реализирани се 23,5 проценти од предвидените проекти. Рече дека двете нови градинки уште не се пуштени во употреба, а децата кои беа на листа на чекање веќе тргнаа во школо.
„Ама за едно капа може да ви се спушти. За правење концерти, манифестации, свирки, прослави, први сте. Градоначалникот и пола од јавната администрација, ќе ги видите во првите редови како попот и полицаецот по селата што оделе по свадби, први наредени. Треба да сте ѝ благодарни на поранешната градоначалничка Наташа Петровска што ви го изгради стадионот и Офицерскиот дом за да имате каде да ги правите концертите и прославите“, рече Кузмановски.
Претседателот на Советот Бојан Бојкоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека изнесените информации се неточни, а фактите се дека од 180 проекти содржани во Развојната програма, 62 се завршени, 48 во фаза на реализација, за 31 се потпишани договори за изведување, 12 се во фаза на јавна набавка, а за 27 проекти не се распишани тендери. Тоа покажува дека кај 85 проценти од проектите има придвижување.
„Лага е дека 500 метри квадратни се градат во Противпожарната станица. Парцелата на која се изведуваат градежни работи е 3.300 метри квадратни со корисна површина се 1.600 метри квадрати. Проектот се изведува во 2 фази, првата со средства од општинскиот буџет (53 милиони денари), до карабина е завршена. Втора со поддршка од Американската амбасада и проектот комплетно ќе биде завршен, како што пишува на таблата, до август 2027 година“, рече Бојкоски.
За градинката кај АРМ рече дека ќе биде готова до крајот на годинешната градежна сезона, а другата кај училиштето „Климент Охридски“ деновиве ќе добие технички прием.
„Изградивме 13 спортски игралишта, некогаш ако дојдете на власт, единствено што ќе можете да направите ќе биде да ги пребојадисате“, ѝ рече Бојковски на опозицијата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



