ПОЧИНА ТОНКИЦА МИТРОВСКА, ПИОНЕРКА НА МАКЕДОНСКИОТ АНИМИРАН ФИЛМ

    ПОЧИНА ТОНКИЦА МИТРОВСКА, ПИОНЕРКА НА МАКЕДОНСКИОТ АНИМИРАН ФИЛМТонкица Митровска е една од првите кои работеле на анимираниот филм во Македонија.

    Почина Тонкица Митровска, пионерка на македонскиот анимиран филм, соопшти Друштвото на филмски работници (ДФРМ). Имаше 78 години.

    „Митровска остави неизбришлива трага во македонската кинематографија. Нејзиното заминување е огромна загуба за културната сцена, но нејзиното творештво останува како траен споменик на една извонредна кариера“, вели ДФРМ.

    Родена во 1948, Митровска е една од првите кои работеле на анимираниот филм во Македонија. Била вклучена во речиси сите филмови од опусот на Скопската анимирана школа, односно Студиото за анимација на „Вардар филм“, формирано во мај 1975. Како соработничка или сценографка, работела на повеќе од 20 домашни анимирани филмови, а во 1995 го режира кусиот „Крај“.

    „Во својот децениски творечки опус, таа остави неизбришлив творечки печат соработувајќи како аниматор, фазер и цртач на повеќе култни анимирани остварувања, со што суштински го трасираше патот и го подигна уметничкиот стандард на македонската анимација“, вели ДФРМ.

    Во 2021 ја доби наградата Златна рамка од Друштвото на филмски работници за извонредниот професионален ангажман, исклучителниот придонес и лојалноста кон филмската уметност, а во 2023  наградата Златен објектив, која Кинотеката на Македонија ја оделува на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира