Учесниците на втората сесија на платформата „Разговори за иднината во 12:05“, ја оценија актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ власт како една од „најнеспособните влади“, која се соочува со сериозни критики поради недостаток на искрена борба против криминалот и корупцијата, недостиг на вистински реформи во правосудството и другите клучни сектори, проблеми во основните сервисни функции и низа неисполнети ветувања и изневерени очекувања. Истовремено, традиционалните партии, олицетворени во актуелните раководства на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, според учесниците, се претвораат во „идеолошки осиромашени партиски множества“ на лојалисти, без визија и знаење за решавање на наталожените проблеми, соопшти платформата.
Од платформата велат дека е потребен Нов општествен договор како основа за создавање широк опозициски потенцијал за промени.
„Разговори за иднината во 12:05“ се претстави како нова демократска платформа за подигнување на нивото на општествената дебата, а ја сочинуваат поранешни и сегашни функционери на СДСМ. Денешната сесија разговори се изведе со учество на три неформални групи општествени чинители: влијателни граѓански активисти кои никогаш не биле членови на политички партии, актуелни опозициски носители на јавни функции и истакнати припадници на различни генерации на СДСМ. Од политичките партии учествуваа и Амар Мециновиќ од Левица, Емир Чориќ од ЛДП и Мирослав Јовановиќ од Српска Странка во Македонија. Учесници беа и Игор Ивановски, Андреј Петров, Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ, Никола Ќуркчиев, Александар Бајдевски, Славјанка Петровска, Сашко Митревски, Моника Зајкова, Ненад Марковиќ, Предраг Трпевски, Звонко Давидовиќ, Валентин Пепељугоски, Љубомир Гајдов, Ивор Мицковски, Милена Стевановиќ, Ема Нешковска, Стојко Пауновски, Костадин Ацевски, Драган Анастасов, Диме Велковски, Коста Начевски, Насе Насев, Бојан Столевски, Митко Андреевски, Милена Цветановска, Сретен Богоевски, Горан Стојковски-Диро.
Учесниците сметаат дека во изминатите 35 години Македонија има повеќе ненаучени лекции отколку суштински системски прогрес. Меѓу клучните проблеми ги издвојуваат долгата транзиција, продлабочените социјални разлики, иселувањето на младите и демографското стареење, како и политичкиот ангажман кој, според нив, наместо простор за државнички одлуки станува „занает за брзо богатење“. Како приоритетни промени се предлагаат воведување една изборна единица, а потоа отворени листи, правичен даночен систем и надминување на партиските и етничките поделби.



