ОПОЗИЦИЈАТА ТРЕБА ДА СЕ ОБЕДИНИ, НО БЕЗ ФИЛИПЧЕ, РЕКОА ОД ДЕМОКРАТСКАТА ПЛАТФОРМА НА ПОРАНЕШНИ И СЕГАШНИ ФУНКЦИОНЕРИ НА СДСМ

    ОПОЗИЦИЈАТА ТРЕБА ДА СЕ ОБЕДИНИ, НО БЕЗ ФИЛИПЧЕ, РЕКОА ОД ДЕМОКРАТСКАТА ПЛАТФОРМА НА ПОРАНЕШНИ И СЕГАШНИ ФУНКЦИОНЕРИ НА СДСМИгор Ивановски, Емилијалн Станковиќ, Гордан Георгиев, Андреј Петров, Никола Ќуркчиев и Славјанка Петровска, како дел од Демократската платформа сметаат дека Венко Филипче треба да замине од лидерската функција во СДСМ. (Фото: СДК.МК)

    Нашата цел е обединување на целата опозиција, враќање на довербата кај граѓаните, а не формирање нова партија, рекоа денеска од Демократската платформата која ја сочинуваат поранешни и сегашни функционери на СДСМ. На брифингот со новинари, на кој присуствуваа Игор Ивановски, Емилијалн Станковиќ, Гордан Георгиев, Андреј Петров, Никола Ќуркчиев и Славјанка Петровска, кажаа дека нивното појавување е со цел да се окрупни опозицијата, но без Венко Филипче како лидер на СДСМ.

    „Нема да бидеме нова политичка партија, нема да бидеме ни ЗНАМ, ни НСДП. Нема да правиме ниту независни листи за парламентарните избори. Целта ни е да помогнеме, да ги обединиме сите во една граѓанска, мултиетничка платформа и промени на ова раководство на СДСМ. Крајна цел е победа на оваа власт. СДСМ се бореше против заробена држава, а стана заробена партија“, рече Игор Ивановски, член на платформата.

    Велат дека ќе презентираат збир на решенија со кои опозицијата ќе излезе од актуелната бездна и ќе биде подготвена да се соочи со власта и да ја победи. Според нивните оценки, кај граѓаните постои изразено опозициско расположение, но недостига силна и организирана политичка алтернатива. Најавија разговори со граѓани, организации и политички партии за пошироко обединување на опозицијата.

    Поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка од СДСМ, Славјанка Петровска, рече дека јавното дејствување на платформата следува по речиси две години внатрепартиски разговори и обиди за промени.

    „Подолг период зборував одвнатре во партијата. Имав неколку разговори со претседателот на партијата и тие или завршуваа со одмолчување или со потврдување, а потоа со неспроведување на договореното. Затоа, по две години решивме медиумски да се појавиме. Имав непристојни понуди од раководството да бидам дел од него, за сметка на тоа да туркам работи под маса. Јас не се согласив“, рече Петровска, додавајќи дека луѓето кои се дел од платформата не се проблемот на СДСМ, туку можат да бидат дел од решението за состојбите во партијата.

    Емилијан Станковиќ рече дека Филипче не е соодветен да ја предводи партијата и дека платформата има план за структурни промени во СДСМ.

    „Филипче не е претставник на членството на СДСМ. Тој зема членска книшка пред да стане министер. Кога ние се боревме против режимот, Филипче беше дел од контрапленумот. Имаме план како да предизвикаме структурни промени во СДСМ, но прво ќе му ги кажеме на Филипче“, рече Станковиќ.

    Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ги повика членовите и поранешните функционери на партијата кои се меѓу иницијаторите на Демократската платформа да се вклучат во внатрепартиска дебата, оценувајќи дека натамошното раздробување на опозицијата не е во интерес на државата. Филипче обвини дека дел од иницијаторите имаат финансиски интереси поврзани со актуелната власт.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира