Премиерот Христијан Мицкоски рече дека ќе побара од министерот за култура Седат Сулејмани да го разреши директорот на Историскиот музеј во Крушево Миха Оџаклиески, откако вчера САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека дозволил споменикот Македониум во Крушево да биде изнајмен за изнајмен за околу 500 евра за снимањето на спотот „Секси мама“ на косовскиот рапер Дон Џони.
„Ги следев тие реакции, навистина тоа кое што таму се случило, претставува нешто коешто не требало да се случи. Јас ќе побарам од министерот за култура и туризам да биде разрешен директорот на таа институција заедно со Управниот одбор, бидејќи таков тип на институции не треба да бидат изнајмувани и користени за такви намени. Јас им се извинувам на граѓаните поради тоа што тој пропуст е направен и се случил и ќе се трудиме во иднина такво нешто да не се повтори. Така што уште денеска ќе побарам да бидат, и членовите на управниот одбор и директорот на таа културна институција, разрешени“, одговори денеска Мицкоски на новинарско прашање по промовирањето на реновираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје.
Денеска и министерот за култура Седат Сулејмани на прес-конференција за Годишната програма за култура, рече дека спотот бил снимен претходно, но оти за него ова е нов случај за кој дознал утрово, па ќе му требаат подетални информации. Сулејмани стапи на 13 јули со реконструкцијата на Владата како кадар на „Вреди“.
„Свесен сум за случајот. Ние како Министерство надлежни сме да ги браниме сите артисти и културни работници. Имаме еден случај што станува чувствителен. Но, за тоа ќе треба да видиме со правните служби како можеме понатаму ако треба некаква законска измена да се направи. Сè уште немам детални податоци и сме во процес и ќе видиме и со Владата ако треба ќе седнеме и ќе решиме. Деталите не ги знам, случајот е нов за мене, утрово дознав и ако кажам нешто веројатно ќе згрешам. Ќе земам дополнителни информации и ќе видиме како понатаму”, изјави Сулејмани.
Директорот на Историскиот музеј Крушево, Миха Оџаклиески, вчера за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека продукцијата побарала дозвола и тие ја дале.
„Просторот беше отстапен за снимање спот. И на Управен одбор имаме донесено одлука да може просторот да се отстапува со соодветна цена, се наплатува. Тие имаа доставено до нас објаснување дека просторот ќе се користи за снимање спот. Немаме точно оформена цена, се отстапува на саати, на пример околу 500 евра за 5-6 саати“, ни изјави Оџаклиески.
Директорката на Управата за заштита на културното наследство Весела Честоева ни изјави дека од нив не е побарана дозвола за снимање во споменикот во Крушево. Директорката вели дека често до нив пристигнуваат барања за снимања на емисии, спотови, во објекти кои се заштитено културно наследство. Дозвола се дава ако е во согласнот со промоција на македонската култура, уметност и наследство.
Лани, македонската група „Некст тајм“ го објави проектот „Македониум“ снимен во истоимениот споменик.
Споменичкиот комплекс Македониум е дело на уметниците Јордан и Искра Грабулоски, а отворен е на 2 Август 1974, на денот на 30-годишнината на заседанието на АСНОМ и 71-годишнината од Илинденското востание. Во 2018, австралискиот магазин „Аркитекчр енд дизајн“ (Арцхитецтуре & Десигн) го вброи меѓу десетте најуникатни градби во светот. Во 2016, американскиот магазин „Аркитекчурал дајџест“ (Арцхитецтурал Дигест) го стави на листата на седумте најинтересни бруталистички градби во светот.
Изминатово лето споменикот, кој со години протекува, почна превентивно да се заштитува со метална конструкција на галериите со витражи и стакла. Директорката на Завод и музеј-Прилеп Мимоза Христоска тогаш ни изјави дека се работи за привремено решение и дека основниот проект за санација за добро во опасност поминал низ Националниот конзерваторски центар (НКЦ) и Управата за заштита на културното наследство. По нејзината изјава, директорката Честоева кажа дека Управата не дала дозвола за конзерваторските работи на споменикот Македониум да се постават металните решетки и дека следи инспекциски надзор. Уште се чекаат резултатите од од инспекцискиот надзор.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



