Александре Адам, францускиот дипломат кој во 2022 година го состави францускиот предлог за деблокада на евроинтеграциите на Македонија, сега се јавува како главен автор на новиот нацрт-план на Европската комисија за постепена економска интеграција на земјите кандидати. Како што објави денеска „Политико“, Адам, кој во моментов е заменик-шеф на кабинетот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, стои зад иницијативата со која Европската Унија планира да го отвори својот заеднички пазар за државите кои чекаат членство, под услов тие целосно да застанат зад европскиот блок против непријателски земји и економски ривали.
Пред да премине во Брисел, Адам беше еден од највлијателните советници за Европа во Елисејската палата. Тој влезе во тимот на францускиот претседател Емануел Макрон уште на почетокот на неговиот прв мандат во 2017 година и беше меѓу малкумината соработници кои ја задржаа довербата и функцијата и во вториот претседателски мандат.
- ЕУ ЌЕ ИМ ПОНУДИ НА ЗЕМЈИТЕ-КАНДИДАТКИ ЗА ЧЛЕНСТВО ПРИСТАП ДО ЕДИНСТВЕНИОТ ПАЗАР
- ЕУ СПРЕМА АКЦИОНИ ПЛАНОВИ ЗА ЗЕМЈИТЕ КОИ СЕ НАЈБЛИСКУ ДО ЧЛЕНСТВОТО, МАКЕДОНИЈА ЌЕ БИДЕ ИЗОСТАВЕНА
Токму Адам ја водеше дипломатската операција за време на француското претседателство со Советот на ЕУ во првата половина на 2022 година, чија цел беше симнување на ветото од Софија. Тој директно учествуваше во секоја фаза од преговорите, патувајќи на интензивни консултации меѓу Скопје и Софија за да ги усогласи позициите со властите на двете држави. Резултат на неговиот дипломатски ангажман беше формулацијата за Преговарачката рамка за членство на Македонија во ЕУ, која Макрон ја претстави како најден компромис прифатлив и за Бугарија. Македонија официјално ги отвори преговорите на јули 2022 година и го заврши скринингот, но практичното отворање на поглавјата остана закочено поради условот за внесување на Бугарите во Уставот.
Сега, од позицијата во кабинетот на Фон дер Лајен, Адам повторно ја дефинира европската политика за проширување преку пакет мерки со различен пристап кон кандидатите. Неговиот план предвидува забрзани патокази и отворен пристап до единствениот пазар за Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора. Наспроти нив, за земјите каде што процесот стагнира и се одолговлекува, меѓу кои се Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Турција, планот на Адам доаѓа во момент на засилени предупредувања во Брисел дека застојот носи ризик овие држави да го загубат интересот за европската иднина и да се свртат кон геополитичкото влијание на Русија или Кина.



