НА ЛИДИЈА НЕДЕЛКОВА Ѝ СЕ ПАДНАЛ ПРЕДМЕТОТ ЗА КОЧАН, АМА ЈОВО ВАНГЕЛОВСКИ ЈА ТРГНАЛ

    НА ЛИДИЈА НЕДЕЛКОВА Ѝ СЕ ПАДНАЛ ПРЕДМЕТОТ ЗА КОЧАН, АМА ЈОВО ВАНГЕЛОВСКИ ЈА ТРГНАЛВангеловски направил измена во новиот распоред кој штотуку го донесе само кај Неделкова. Случајно, таа го добила предметот за избеганиот бизнисмен Сеад Кочан и се изјаснила дека за него надлежно е Специјалното јавно обвинителство (Фото: СДК.МК)

    Предметот за избеганиот бизнисмен Сеад Кочан, со кој обвинителот Марко Зврлевски бара укинување на притворот и враќање на предметот на повторно одлучување, со електронска распределба на предметите се паднал кај експретседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова. Но, претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски неа ја тргнал од Кривичниот совет на Врховниот суд, веднаш штом се изјаснила дека Зврлевски не е надлежен за овој случај, бидејќи тоа е случај на Специјалното јавно обвинителство на Катица Јанева.
    Вангеловски направил измена во новиот распоред кој штотуку го донесе само кај Неделкова. Иако таа е судија кривичар,тој  ја извадил  од Кривичниот оддел, ја ставил претседател во одделот за судска пракса, член во граѓанскиот и во одделот за судење во разумен рок. Сега Кривичниот совет сосе Вангеловски брои четворица граѓански и само еден судија кривичар. Претходно беше составен од пет врховни судии – кривичари.
    Барањето за заштита на законитоста за газдата на „Трансмет“ Сеад Кочан доаѓа по поединечните средби на Вангеловски, адвокатот Никола Додевски и обвинителот Марко Зврлевски пред десетина дена во Врховниот суд. Специјалната обвинителка Катица Јанева тогаш не се одзва на поканата на Вангеловски и не отиде на средба со него.
    Зврлевски го поднесе барањето за заштита на законитоста  во Врховниот суд  на 27 март и според она што го кажуваат членови на Кривичниот оддел, претседателот Вангеловски, кој воедно е и претседател на овој петчлен оддел, побарал веднаш да се расправа за него, со образложение дека се работи за притворски предмет.
    Кривичниот оддел одржал јавна седница, но на седницата врховната судијка Неделкова пред обвинителот Аце Колевски (Зврлевски не доаѓа на седници за БЗЗ), и пред колегите од овој оддел, го кажала своето мислење дека Јавното обвинителство на РМ не може да се меша во предметот за Кочан, зашто нема надлежност. Надлежноста, рекла судијата – известител Неделкова, е на Специјалното јавно обвинителство, во што ја поддржале, неофицијално, уште двајца од вкупно пет колеги.
    За да обезбеди сооднос во гласови 3 спрема 2, за да се укине притворот на Кочан и да се врати на повторно одлучување во Основниот суд Скопје 1, Вангеловски со интервенција во Годишниот распоред, ја извадил Неделкова од Кривичниот оддел, а на нејзино место ставил граѓанска судијка.
    На 30. Март Јанева до Врховниот суд побара изземање на претседателот на Врховниот суд Вангеловски од одлучување во Кривичниот оддел по БЗЗ-то на Зврлевски,  со образложение дека тој е дел од „бомбите“ и тоа во период кога исто така ја извршувал функцијата претседател на Врховниот суд.
    Уште не е закажана Општа седница, на која сите врховни судии треба да гласаат за барањето за изземање на Вангеловски. Автоматски, нема одлука ни за барањето за укинувањето на притворот на Кочан, бидејќи врховните судии не се изјасниле дали Вангеловски за овој случај ќе остане во Кривичниот оддел.
    Притворот против Кочан е изречен на 7 март годинава и оттогаш тој е во бегство. Ако се случи Врховниот суд да му го укине притворот, СЈО при повторно одлучување нема сега каде да се жали, бидејќи и судијката Гордана Спировска заедно со уште дваесетина судии, со новиот распоред од новиот претседател на Кривичниот суд Стојанче Рибарев се тргнати  од каква била можност повеќе да се сретнат со предметите на СЈО во која било од нивните фази.
    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира