КАМЕН ЅИД ИЗГРАДЕН НА ДЕЛ ОД ОХРИДСКОТО КРАЈБРЕЖЈЕ КАЈ СТУДЕНЧИШТА, ОД ОПШТИНАТА ВЕЛАТ ЌЕ ИСПИТААТ ШТО Е

    КАМЕН ЅИД ИЗГРАДЕН НА ДЕЛ ОД ОХРИДСКОТО КРАЈБРЕЖЈЕ КАЈ СТУДЕНЧИШТА, ОД ОПШТИНАТА ВЕЛАТ ЌЕ ИСПИТААТ ШТО ЕОд Општина Охрид велат дека ќе бидат преземени активности за утврдување на фактичката состојба на терен по што ќе се знае дали и какви понатамошни мерки ќе бидат преземени. (Фото: СДК.МК)

    Камен ѕид е изграден на дел од крајбрежјето на Охридското Езеро, долж пешачката патека по мостот кај каналот Студенчишта, на местото каде и претходно постоел ѕид, кој со текот на времето бил разрушен под влијание на брановите. Изградбата привлече внимание кај граѓаните, кои во коментарите на социјалните мрежи прашуваат дали интервенцијата е во согласност со прописите за заштита на охридското крајбрежје.
    Од Општина Охрид велат дека ќе бидат преземени активности за утврдување на фактичката состојба на терен по што ќе се знае дали и какви понатамошни мерки ќе бидат преземени.
    „Општина Охрид ќе постапи согласно своите надлежности и законските ингеренции. Надлежните служби ќе ги преземат потребните активности за утврдување на фактичката состојба на терен, по што, доколку се утврди потреба, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно важечката законска регулатива“, велат од Општина Охрид.
    Случајот доаѓа во период кога заштитата на природното крајбрежје повторно е во фокусот, по одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО од јули, Охридскиот Регион да не биде ставен на Листата на светско наследство во опасност. За одлуката гласаа 16 од вкупно 21 член на Комитетот на 48. сесија одржана во Бусан.
    Со одлуката, на Владата ѝе даден период од 5 години за спроведување на препораките и забелешките на УНЕСКО и да го спаси Охрид како светско наследство. Токму зачувувањето на природниот брег е меѓу прашањата на кои во јавноста повторно се потсетува, особено во контекст на нови интервенции долж охридското крајбрежје.
    Од еколошките организации и активистите за заштита на Охридското Езеро во повеќе наврати предупредуваат дека секоја нова интервенција на природното крајбрежје треба да биде внимателно разгледана и да биде во согласност со законската регулатива и препораките за заштита на Охридскиот Регион.
    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира