Против вишиот јавен обвинител П. В. од Битола, осомничен за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание, надлежниот јавен обвинител не предложил мерка притвор. Од Основен кривичен суд Скопје соопштија дека определени се мерки за претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за преземање определени работни активности.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), по сослушување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, како и по ценење на фактите и доказите содржани во предлогот, донесе решение со кое го прифати предлогот на ОЈО ГОКК“, соопштија од Судот.
Од Судот велат дека против П. В., кој се сомничи за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание од член 359 став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик, со оглед на фактот дека судот не може да му определи построга мерка од мерката предложена од јавниот обвинител, му се се определуваат мерки за претпазливост. Против ова решение странките имаат право на жалба.
Од Обвинителството соопштија дека во изминатиот период, преку повеќе дејствија и примена на посебни истражни мерки, обезбедени се докази кои упатуваат на основано сомнение дека тој го искористил своето реално влијание и службената положба што ја извршувал за недозволено да влијае врз одлучувањето на колеги јавни обвинители и судии во најмалку 4 поединечни предмети, на подрачјето на кое ја вршел својата функција. Притоа, тој ургирал за пониски казни или за да обезбеди поповолна позиција за осомничени или обвинети лица во кривична постапка.
Вчера, врз основа на судска наредба, беа извршени претреси во домот на осомничениот и во просториите на Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Битола со цел обезбедување дополнителни докази.
Станува збор за услугата враќање одземена патна исправа на осомничениот, односно сега обвинет бизнисмен Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“ и почесен конзул на Белорусија. Тој е првообвинет за злоупотреби и за фиктивен тендер од над 1,7 милиони евра за дислокација на станици од рудникот „Осломеј“ во РЕК Битола.
Претходно, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга, на 15 јуни 2026 година, дал негативно мислење за барањето на одбраната на Марковски за враќање на пасошот. Откако одбраната поднела ново барање, обвинителот го реферирал предметот до Вишото јавно обвинителство Битола. Оттаму, вишиот јавен обвинител побарал да се даде позитивно мислење, односно да се уважи предлогот на одбраната за враќање на привремено одземената патна исправа.
По ова, на 31 јули при посета во Битола, премиерот Христијан Мицкоски најави истрага поврзана со обвинителот кој дозволил да му биде вратен пасошот на бизнисменот Борче Марковски.
„Тука има груба манипулација од еден локален јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство, кој е соучесник во овој процес. И тоа нема така да заврши. Не би сакал да шпекулирам со имиња. Допрва ќе следи истрага за овој случај, затоа што од страна на надлежното Основно јавно обвинителство имаме поинаков извештај од тој што е приложен на Вишото јавно обвинителство во Битола. Ова нема така да заврши, лично јас ви гарантирам и лично ќе го следам тој процес“, изјави тогаш Мицкоски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



