На 87 години почина Марикармен Абаскал, шпанската пензионерка чие присилно иселување поттикна протести низ целата земја и доведе до предвремени избори, соопшти Синдикатот на станарите во Мадрид.
На 23 септември Абаскал беше присилно изнесена на носилка од станот во кој живеела повеќе од 70 години, откако повеќе не можела да си го дозволи зголемувањето на киријата. Компанијата во чија сопственост бил станот подоцна ѝ понудила да се врати со пониска кирија, но таа не можела да го потпише договорот бидејќи била хоспитализирана.
„Со жалење соопштуваме дека Марикармен почина. Нејзиниот случај претставува пресвртница во историјата на оваа земја. Шпекулациите со недвижности чинат животи и денес ја убија нашата колешка Марикармен“, изјавија од Синдикатот на станарите.
Причината за смртта не беше соопштена. Веста за смртта на Абаскал беше примена со шок на плоштадот Пуерта дел Сол во Мадрид, каде што илјадници луѓе кампуваат од нејзиното иселување, барајќи подостапни станови.
Абаскал стана симбол на станбената криза во Шпанија по нејзиното иселување. Татко ѝ првично го изнајмил станот во 1956 година, а таа продолжила да го користи како закупец по смртта на нејзините родители.
Компанијата „Урбагестион“, која го купила имотот во 2018 година, ја зголемила киријата од 500 евра месечно на 2.650 евра. Подоцна, компанијата понудила да ја намали сумата на 1.650 евра, што, сепак, било за 300 евра повеќе од месечната пензија на Абаскал. Три претходни обиди за нејзино иселување биле спречени од судовите.
Иселувањето на Абаскал доведе до протести и притисок врз коалициската влада да усвои итен закон за домување, но тој беше отфрлен во Конгресот минатата недела. Премиерот Педро Санчес потоа распиша предвремени избори за ноември.



