ЛАНИ ИМАЛО 1.000 НОВИ ЗАБОЛЕНИ ОД РАК НА ДОЈКА, НО РАСТЕ СТАПКАТА НА ПРЕЖИВУВАЊЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ОНКОЛОГИЈА

    ЛАНИ ИМАЛО 1.000 НОВИ ЗАБОЛЕНИ ОД РАК НА ДОЈКА, НО РАСТЕ СТАПКАТА НА ПРЕЖИВУВАЊЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ОНКОЛОГИЈАДиректорот на Клиниката за онкологија вели дека минатата година се воведени нови лекови за болните од рак, конкретно за рак на дојката,  зголемен е бројот на пациенти што се третирани со специфичен третман. (Фото: Архива на СДК.МК)

    Лани во Македонија се дијагностицирани 1.000 пациенти со рак на дојката и во овој момент на активен третман на Клиниката за радиотерапија и онкологија има 7.000 заболени, рекоа од Здружението „Хема-онко“ на денешниот „Појадок со ‘Хема-онко’“. Директорот на Клиниката, д-р Игор Стојковски, изјави дека минатата година се воведени нови лекови за болните од рак, конкретно за рак на дојката,  зголемен е бројот на пациенти што се третирани со специфичен третман.

    „Почнавме нешто делумно да функционира, односно дисперзијата да функционира делумно како консултативно-специјалистичка дејност во Градската општа болница (ГОБ) ‘8 Септември’ во Скопје. Продолжуваме понатаму и годинава, се надеваме и следната, онколог од Скопје ќе оди во Клиничката болница во Битола. Тоа е она што можеме да го направиме за доброто на пациентите и за делумно растоварување на метежот во Клиниката. Понекогаш терапијата може да доцни минимално поради дистрибутивните недостатоци. Во врска со идејата во времето на претходниот министер за здравство за тригодишна набавка за дел од терапиите, рече дека работат и дека најверојатно тоа може да го направат во следната јавна набавка за 2027“, рече д-р Стојковски.

    На прашање колку чекаат пациентите кога ќе дојдат да примат терапија, со оглед на тоа дека на социјалните мрежи пациенти постојано реагираат дека ќе дојдат изутрина на Клиниката, а ќе завршат попладне со терапијата, тој рече дека тоа зависи од терапијата и дека разни терапии разна должина имаат.

    Според него, од година на година растат потребите од финансии поради две причини, главно поради тоа што има зголемување на бројот на пациенти и зголемување на преваленцата, значи пациентите подолго примаат терапија, подолго имаме успеси во лекувањето, значи подолго преживување, така што секогаш постои потреба од зголемување на финансиските средства во наредната година.

    „Во однос на институционалната статистика, минатата година ја завршивме со 5.300 нови пациенти од разни локализации. Во принцип расте бројот, значи по 200 до 300 пациенти плус годишно новорегистрирани. А во однос на преваленцата, пациенти што барем еднаш се јавуваат на Клиниката во текот на една календарска година, зборуваме за број од речиси 20.000 на годишно ниво. Имаме и колега од Харвард медикал скул, онколог е, денеска е во посета на Клиниката. Поводот е ракот на дојката, значи се надеваме на соработка во едукацијата на помладите колеги“, додаде директорот.

    Во врска со децентрализацијата, Ана Марјановиќ од „Хема-онко“рече дека како здружение инсистирале тоа да биде направено на начин на кој, пред сѐ, ќе има сигурна терапија за пациентите и услови во кои ќе ја примаат редовно, навремено и во атмосфера што ја заслужуваат.

    „Не е поентата само да се прима терапијата, туку навистина да обезбедиме дека секој пациент што нема да биде на Клиниката за онкологија, да ја прима безбедно оваа терапија. Од една страна, како пациенти најмногу знаеме колкав е притисокот на Клиниката на онкологија и тоа е и поради фактот што имаат недостиг на персонал, кој се обидуваат да го надоместат, а од друга, поради големиот број експерти во однос на лекувањето, посебно за дојка, пациентите надвор од градовите сакаат тоа да биде направено на Клиниката на онкологија. Од таа причина, веќе со Министерството за здравство ние имаме доставено неколку барања и сега веќе почнуваме еден процес“, кажа Марјановиќ.

    Според неа, бројките на заболени годишно се зголемуваат, меѓутоа во исто време, за среќа, се зголемува и бројот на оние што преживуваат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира