Одделението за геријатрија во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово, ќе се реконструира и ќе се опреми со средства обезбедени од Европската унија, преку проект за прекуграничка соработка со Врање, Република Србија. Проектот „Премостување на границите – заедно за утре“ е партнерски проект помеѓу двете институции и две невладини организации, „Порака наша“ од Куманово и Едукативен центар од Лесковац.
Вкупниот буџет на проектот е 402.336 евра, од кои 85 отсто ги обезбедува Европската унија. Со тие пари е предвидена реконструкција на Домот за стари лица во Куманово и Центарот за унапредување на социјалната заштита во Врање, како и за активности за унапредување на квалитетот на животот на корисниците. Проектот ќе трае 24 месеци.
За реконструкцијата у опремување на одделението во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ предвидени се близу 100.000 евра.
„Нашиот дом ќе добие целосна реконструкција на Геријатриското одделение, како и нова опрема. Исто така, ќе се обезбеди и техничка помош која се состои во компјутери и лаптопи, за потребите на корисниците и вработените. Преку овој проект ќе се добијат поквалитетни услуги, што е од големо значење за нас како институција. Ние имаме 60.000 евра за реконструкција, 20.000 евра за опрема на просториите и 15.000 евра за компјутерската техника“, кажа Александар Крстевски, директор на „Зафир Сајто“.
Домот има капацитет за 180 корисници, а триесетина се на Одделот за геријатрија.
Центарот за социјална заштита на Врање, е исто така ќе добие близу 100.000 евра, а ќе се искористат за реновирање на кровот и обезбедување на компјутерска опрема.
С. НИКОЛИЌ
„Овој текст е изработен со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината на овој текст е единствена одговорност на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС“.



