ОХРИДСКИОТ ДОМ ЗА СТАРИ ЛИЦА ЌЕ СЕ ОТВОРИ ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАВА, ПЕНЗИОНЕРИТЕ СТРАВУВААТ ДЕКА СО МАЛИТЕ ПЕНЗИИ НЕ ЌЕ МОЖЕ ДА ПЛАЌААТ СМЕСТУВАЊЕ

    ОХРИДСКИОТ ДОМ ЗА СТАРИ ЛИЦА ЌЕ СЕ ОТВОРИ ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАВА, ПЕНЗИОНЕРИТЕ СТРАВУВААТ ДЕКА СО МАЛИТЕ ПЕНЗИИ НЕ ЌЕ МОЖЕ ДА ПЛАЌААТ СМЕСТУВАЊЕОбјектот, за кој се чекаше повеќе од една деценија, е изграден, а во наредните месец до два ќе се знае кога ќе започне со работа. (Фото: СДК.МК)

    Охрид до крајот на годинава ќе добие нов дом за стари лица во населбата Далјан, на брегот на Охридското Езеро. Објектот, за кој се чекаше повеќе од една деценија, е изграден, а во наредните месец до два ќе се знае кога ќе започне со работа.

    Покрај просторот за сместување и грижа за повозрасните, објектот има можност и за дополнителни здравствени содржини, вклучително и болнички капацитети, во согласност со урбанистичкиот план. Според градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, инвеститорите разгледуваат различни можности за дополнување на услугите, а Општината има интерес домот што поскоро да биде ставен во функција.

    „При самиот крај е тој објект. Покрај сместувачкиот капацитет, односно грижата за старите лица, има можност и за болница во самиот објект, врз основа на урбанистичкиот план, до 30 проценти во компатибилните намени. Инвеститорите разгледуваат различни варијанти во кои и ние како град имаме интерес да бидеме вклучени, за сето тоа побрзо да биде ставено во функција. Во наредните месец до два би требало да има разврска и да добиеме предвидлив датум за почеток на работата“, изјави Пецаков.

    Тој рече дека Општината учествувала во подготовката на потребната инфраструктура, вклучително и уредувањето на земјиштето и обезбедувањето приклучоци за електрична енергија, вода и канализација. Проектот е поддржан од локалната и централната власт, меѓу другото и преку субвенционирање на комуналиите.

    За повозрасните граѓани и нивните семејства најважна цената оти, како што велат, голем број пензионери се со пониски примања. Според нив ваков објект е неопходен, особено за оние кои живеат сами, но предупредуваат дека нивните пензии можеби нема да бидат доволни за да ги покријат трошоците за сместување и грижа.

    „Би требало да има пензионерски дом, во години сме сите и мислам дека тоа е позитивна работа. Но, пензиите се претежно мали и ќе треба некаков додаток, бидејќи пензијата нема да може да стигне“, вели една повозрасна жена.

    За дел од граѓаните, домот претставува можност за достоинствена старост и поголема сигурност, особено за оние кои немаат блиски лица што би можеле секојдневно да се грижат за нив.

    Во Охрид на почетокот на месецов беше отворен и Центар за дневен престој на стари лица, наменет за дружење и активности на повозрасните. Располага со просторија за дневен престој, кујна, соби за рекреација и за работа на стручните тимови, како и три тоалети. Центарот работи од 8 до 16 часот, а во моментов го посетуваат околу 30 корисници.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира