ВО ШТИП ОТВОРЕН МУЛТИДИСЦИПЛИНАРЕН КАБИНЕТ ЗА РАНО ОТКРИВАЊЕ И ЛЕЧЕЊЕ РАК НА ДОЈКА ЗА ПАЦИЕНТИ ОД ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА

    ВО ШТИП ОТВОРЕН МУЛТИДИСЦИПЛИНАРЕН КАБИНЕТ ЗА РАНО ОТКРИВАЊЕ И ЛЕЧЕЊЕ РАК НА ДОЈКА ЗА ПАЦИЕНТИ ОД ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈАЖените ќе можат, без долго чекање како досега, да добијат брза биопсија, со што значително се скратува времето за добивање конечен дијагностички извештај, врз основа на кој ќе бидат упатени на натамошна терапија и лекување. (Фото: СДК.МК)

    Во Клиничката болница во Штип почна со работа новиот мултидисциплинарен Кабинет за рано откривање и лекување рак на дојка.

    „Новиот кабинет ќе има регионален карактер и ќе пружа услуги на пациенти од цела Источна Македонија. Во кабинетот ќе работи мултидисциплинарен тим од лекари- специјалисти: рендгенолози, хирурзи, онколози и патолози, а наскоро тимот ќе биде надополнет и со психијатри и психолози“, вели директорот на Клиничката болница д-р Владко Захариев, специјалист по неврохирургија.

    Раководителката на новиот кабинет, д-р Габриела Димова, вели дека со ваквиот кабинет и начинот на работа жените ќе можат, без долго чекање како досега, да добијат брза биопсија, со што значително се скратува времето за добивање конечен дијагностички извештај, врз основа на кој ќе бидат упатени на натамошна терапија и лекување.

    Димова додаде дека во текот на октомври се воведени и бесплатни прегледи, па 180 жени веќе обезбедија скрининг-мамографија.

    Министерот за здравство, Сашо Клековски, кој денеска го посети новиот кабинет за дојка во Штип, рече дека во Македонија годишно од рак на дојка заболуваат над 1.000 жени, што претставува значаен проблем за целото општество, поради што ваквите кабинети заслужуваат поддршка. Во тие рамки ќе биде и набавката на нови, современи мамографи.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира