Албанскиот премиер Еди Рама денеска ги отфрли барањата за оставка, кои произлегоа од сè помасовните улични протести. Тој изјави дека овие протести не претставуваат закана за неговата влада, туку за напредокот на Албанија кон членство во Европската унија (ЕУ).
Демонстрациите, предводени од студенти и поттикнати од револтот поради наводната владина корупција, недостигот на работни места и лошите образовни стандарди, во текот на изминатата недела го зафатија центарот на Тирана и се проширија и во други градови. Демонстрантите, кои бараат оставка од Рама, запалија владини згради и банки, а исто така вадеа и камени коцки од улиците за да ги фрлаат кон полицијата. Полицијата одговори со употреба на солзавец, водени топови и гумени куршуми.
Овие немири – кои следат по неколкумесечните, главно мирни летни протести против изградбата на луксузен комплекс на брегот, зад кој стои Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп – претставуваат досега најголем предизвик за Рама. Тој е на власт од 2013, а минатата година го освои својот четврти мандат.
„Не сум предизвикан јас, не е предизвикана владата, ниту пак парламентарното мнозинство или победничката партија на изборите; она што е предизвикано е патот, предизвикана е мисијата“, изјави Рама во обраќање во живо на Фејсбук. „Албанците треба добро да размислат: што сакаат – ова, она, или ја сакаат ЕУ?“. Додека Рама зборуваше, багери ги вадеа и отстрануваа камените коцки пред неговата канцеларија во центарот на Тирана, во пресрет на нов бран протести.
Корупциските скандали со текот на годините го нарушија угледот на Албанија, а аналитичарите велат дека земјата претставува центар за криминални групи кои перат пари стекнати од трговија со дрога и оружје. Сепак, Рама тврди дека неговата влада се справува со корупцијата како никогаш досега. Заедно со Црна Гора, Албанија моментално предводи во групата балкански земји кои се стремат кон членство во ЕУ, со цел да станат дел од Унијата до 2030 година.
Рама ги обвини одредени, но неименувани странски интереси за организирање на протестите, како и за, според него, обид за напад врз неговата канцеларија со помош на дрон оваа недела.
„Бог знае какви ќе бидат последиците. Нема млади луѓе, нема студенти, ниту малолетници кои воопшто би помислиле да го спроведат овој план. Ова е туѓа рака“, рече тој.
Од полицијата соопштија дека 388 лица се обвинети за кривични дела за време на демонстрациите. Голем број полицајци и демонстранти се повредени.



